• четврток, 25 април 2024

Судењето за нападот врз Пендиков одложено за 5 април (ДПЛ)

Судењето за нападот врз Пендиков одложено за 5 април (ДПЛ)

Охрид, 28 февруари 2023 (МИА) – Судскиот совет на денешното прво рочиште, за 5 април ја одложи главната расправа од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.

Судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, го прифати барањето на одбраната на првообинетиот за одлагање на денешната расправа, од причина што, како што беше посочено од застапниците на обвинетиот, не им се доставени доказите обезбедени од Обвинителството во предистражната постапка.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, изјави дека не е испочитувана законската обврска на Обвинителството да бидат доставени доказите, како основен предуслов за соодветна подготовка на обраната.

Цобоски во изјавата дадена за медиумите по одложувањето на расправата за самиот случај рече дека се работи за до крајни граници исполитизиран настан, што само ќе и наштети на постапката.

Нагласи дека во истрагата се спомнувале животнозагрозувачки повреди на оштетениот што, како што рече, очигледно не е така.

-Неспорно е дека оштетениот има повреда на долната вилица, дека има фиксирана долна вилица, но сето друго укажува на можноста тој и да патува и да биде присатен на расправата, меѓутоа очигледно е некое тактизирање и од негова страна, рече Цобоски.

Инаку, за одбраната, како што нагласи, во процесот не е неопходно присуството на оштетениот во Судот.

Стефан Камишевски, адвокатот на Христијан Пендиков, истакна дека оштетениот ќе се појави пред Судот во мигот кога ќе заврши со лекувањето, а адресата на Пендиков во Бугарија што се уште не е достапна ниту на Судскиот совет што го води предметот, ќе биде соопштена дополнително.

Како оштетена страна во процесот, Камишески најави дека во постапката ќе биде предјавено парично оштетно побарување, што ќе зависи зависно тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.

Првообвинетиот Илија Спасески се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди, додека се уште нема обвинителен акт против второто лице Б.А. (23) од Битола кое беше приведено минатата седмица.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Бугарските власти испратија авион со кој Пендиков беше транспортиран на лекување во Софија каде што се уште се наоѓа. аб/

Фото: МИА

Остани поврзан