• недела, 22 декември 2024

Суарез: Заминав од Барселона со крената глава

Суарез: Заминав од Барселона со крената глава
Мадрид, 5 февруари 2021 (МИА) - Уругвајскиот напаѓач Луиз Суарез изнесе денеска во опширно интервју за шпанските медиуми детали околу неговиот трансфер од Барселона во Атлетико Мадрид и односот со Аргентинецот Лионел Меси со кого мина шест години во редовите на каталонскиот клуб. Суарез во разговорот за шпанското радио „Онда Серо“ рече дека не бил почитуван во Барселона, која ја напушти на крајот од септември лани како втор стрелец во клупската историја со 198 голови. - Беше тешко, бидејќи не ме почитуваа, но сакав моите деца да видат дека го напуштам клубот со крената глава. Беше тешко кога дојде време да им соопштам на децата дека заминувам од клубот. Тие сега се повозрасни и почувствуваа дека ќе дојде до промена. Имаше тешки моменти околу моето заминување од Барселона. Имаше гласини, кои подоцна се потврдија и тоа најмногу ме здоболе, изјави Суарез. Тој говорејќи за својот близок однос со капитенот на Барселона, Суарез рече дека се вознемирил кога во јавноста излегоа финансиските детали од договорот на Меси со клубот. - Кога дојдов во Барселона се напив традиционален јужноамерикански пијалак со Меси. Веднаш се вклопивме и станавме како семејство. Нашите сопруги имаа фантастичен однос, што само дополнително ја зацврсти нашата прекрасна поврзаност. Не разбирам како некој може да биде толку злобен и да објави приватна работа, како што е договор на Лео, имајќи, притоа, предвид сè што Меси направи за тој клуб, рече Суарез во интервјуто за шпанското радио. ег/ми/

Остани поврзан