• понеделник, 23 декември 2024

Студија: Флаширана вода содржи стотици илјади пластични парчиња

Студија: Флаширана вода содржи стотици илјади пластични парчиња

Њујорк, 9 јануари 2024 (МИА) - Флашираната вода е до стопати полоша отколку што се мислеше кога станува збор за бројот на мали пластични парчиња што ги содржи, наведено е во нова научна студија. Користејќи најнова технологија, научниците избројале просечно 240 илјади забележливи делови од пластика во литар вода кај популарните брендови, помеѓу 10 и 100 пати повисоки од претходните проценки, што предизвикува потенцијални здравствени проблеми кои бараат дополнително проучување. 

-Ако луѓето се загрижени за нанопластиката во флаширана вода, разумно е да се разгледаат алтернативи како што е водата од чешма. Не советуваме да не се пие флаширана вода кога е потребно, бидејќи ризикот од дехидрација може да ги надмине потенцијалните влијанија од изложеноста на нанопластика, изјави Беижан Јан, вонреден научен професор по геохемија на Универзитетот Колумбија и коавтор на анализата. 

Во изминатите години се зголемува глобалното внимание на микропластиката, која се отцепува од поголемите извори на пластика и сега се наоѓа речиси насекаде. 

Додека микропластиката е нешто под пет милиметри, нанопластиката се дефинира како честички под еден микрометар или милијардити дел од метар, толку мали што можат да поминат низ дигестивниот систем и белите дробови, влегувајќи во крвотокот директно и од таму до органите, вклучувајќи го и мозокот и срцето. Тие исто така можат да ја преминат плацентата во телата на неродените бебиња. 

Има ограничени истражувања за нивните влијанија врз екосистемите и човековото здравје, иако некои рани лабораториски студии ги поврзаа со токсични ефекти, вклучувајќи репродуктивни абнормалности и гастрични проблеми. 

Не се именувани брендовите флаширана вода што биле анализирани.

-Веруваме дека целата флаширана вода содржи нанопластика, така што издвојувањето на три популарни брендови може да се смета за неправедно, рече Јан. 

Резултатите покажаа помеѓу 110 илјади и 370 илјади честички на литар, од кои 90 проценти беа нанопластика, додека остатокот беа микропластика. Најчестиот тип беше најлон. Други видови пластика влегуваат во водата кога капачето се отвора и затвора. мс/

фото: Steve Johnson за Pexels.com

Остани поврзан