• четврток, 15 февруари 2024

Студија: Илјадници милијарди долари изгубени поради климатските промени

Студија: Илјадници милијарди долари изгубени поради климатските промени

Париз, 28 ноември 2023 (МИА) – Климатските промени секоја година се одговорни за загубата од неколку илјади милијарди долари во светската економија, особено во најнеразвиените земји, покажува студијата објавена денеска, пред почетокот на COP28 климатската конференција во Дубаи.

Според студијата спроведена од Универзитетот во Делавер, само во 2022 година на глобално ниво, климатските промени предизвикале вкупна загуба од 6,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Загубата на пари подразбира директни последици од климатските промени врз земјоделството, енергијата, продуктивноста на земјите, како и меѓународни последици и загуби кои подразбираат потенцијални инвестиции.

Студијата е објавена два дена пред Конференцијата за климата, која ќе се одржи од 30 ноември до 12 декември.

Меѓу главните теми ќе биде усвојувањето на рамката за нов фонд на ОН што треба да им помогне на најсиромашните земји да се соочат со последиците од климатските промени, како што беше одлучено на минатогодишната конференција COP27.

-Светот изгуби илјадници милијарди долари поради климатските промени, а најголемиот дел од овој товар паѓа на сиромашните земји. Се надеваме дека резултатите од студијата ќе помогнат да се разјаснат предизвиците со кои многу земји веќе се соочуваат денес, се наведува во истражувањето.

ОН претходно процени дека на земјите во развој ќе им требаат повеќе од 300 милијарди долари годишно до 2030 година за да се борат со ефектите од климатските промени. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан