• петок, 22 ноември 2024

Студентите од Штип се запознаа со правата на интелектуална сопственост и географската ознака во областа на културниот туризам и културно наследство

Студентите од Штип се запознаа со правата на интелектуална сопственост и географската ознака во областа на културниот туризам и културно наследство

Штип, 28 февруари 2023 (МИА) - Студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип денеска имаа можност да слушаат предавање на тема „Права на интелектуална сопственост и географската ознака во областа на културниот туризам и културното наследство“.

Настанот е во организација на Македонската развојна фондација за претпријатијаи има за цел да ги прикаже придобивките од примената на интелектуалната сопственост во овој сектор.

Димитар Смилјановски од Македонска развојна фондација за претпријатија вели дека со овој настан сакаат да ја потенцираат важноста како интелектуалната сопственост може да се примени во овие сектори со цел да донесе заштита на производите и услугите кои се нудат во овие сектори, но и да донесе одредени економски придобивки преку нејзина експлоатација. Посочи дека пример за ваква заштита е охридскиот бисер, но и дека земјава изобилува со други вакви примери.

На денешниот настан беа презентирани четири барања на производи за заштита, меѓу кои се преспанското јаболко и охридската цреша.

- Во Македонија има многу примери од секторот туризам, но и културно наследство коишто можат и те како да се заштитат директно или индиректно. Пластичен пример е охридскиот бисер којшто е заштитен, како трговска марка со ознаката на потеклото. Дополнително, имаме доста земјоделски, прехранбени производи, коишто може да се заштитат, пример е преспанското јаболче, охридската цреша, вели Смилјановски.

Претставниците на Фондацијата се обидоа да инспирираат и поттикнат што поголем број студенти да вложуваат во развој на нови знаења и вештини во посочениот сектор.

- Денес сме тука, а планираме да одржиме и други вакви предавања на другите факултети, пред сѐ за чинители што се од секторот туризам, културен туризам и културно наследство за да ги запознаеме со темата, бидејќи познавањето е многу ниско за оваа тема, како и за придобивките коишто може да ги донесе во иднина во однос на тоа како да го извлечат максимумот од она што го продаваат, од нивните производи, од нивните услуги и да ги заштитат истите како автентични, додаде Смилјановски.

Настанот има за цел да ги прошири погледите во однос на можностите кои стојат на располагање во делот на заштита на нивната интелектуална сопственост. На истиот беше претставена и Програма финансирана од Европската унија, која нуди пристап до материјали и можности, а зад која стои стратешко партнерство од пет европски организации од Македонија, Германија, Шпанија, Бугарија и Романија. вдј/ар

Фото: МИА

Остани поврзан