Студентите од штипскиот Факултет за медицински науки организираа семинар за канцерот на дојка
- Раната детекција на канцерот на дојка е од голема важност - колку порано се открие, толку се поголемите шансите за целосно заздравување, порача радиологот Габриела Димова во Клиничка болница-Штип, која денеска пред студентите од штипскиот Факултет за медицински науки говореше на оваа тема по повод Меѓународниот месец на борба против рак на дојка.
Штип, 9 октомври 2025 (МИА) – Раната детекција на канцерот на дојка е од голема важност - колку порано се открие, толку се поголемите шансите за целосно заздравување, порача радиологот Габриела Димова во Клиничка болница-Штип, која денеска пред студентите од штипскиот Факултет за медицински науки говореше на оваа тема по повод Меѓународниот месец на борба против рак на дојка.
Димова на денешниот еднодневен семинар на тема „Розов октомври“ со слоганот „Телото зборува, умот страда. Ајде да слушaме“ во организација на СОМА (Студентски организирана медицинска асоцијација) вели дека возрасната граница се повеќе се намалува и како што вели за жал се помлади жени и девојки заболуваат од канцер на дојка. Посочува ако порано просечната граница била од 45 до 50 година, сега е од 25 година.
-Сега се поместуваат овие граници, после 20 година жените треба да почнат да си ги прават редовните ехо прегледи, после 40 година да почнат со прегледи на мамографија. Но, кај девојки кои имаат позитивна фамилијарна анамнеза, тоа значи девојки кои во семејството имаат болна мајка, тетка, сестра овие прегледи треба да ги започнат во дваесетата година со ехо прегледи, а по 35 година и мамографија, вели Димова.

Доктор Димова во штипската Клиничка болница, работи и биопсија на дојки. Неделно изведува по десеттина на пациенти од целиот Источен регион. Дури 80 отсто од резултатите се позитивни. Таа вели дека како најчест ризик фактор за појавата на карциномот е стресот, но и фамилијарната анамнеза.
-Најчесто доаѓаат на преглед, бидејќи напипале грутка која расте, не се повлекува. Забележуваат исцедок од брадавицата, црвенило на кожата. Тоа се најчестите симптоми, рече Димова.
Михајло Мирасчиев претседател на Студентската организирана медицинска асоцијација (СОМА) вели дека на еднодневниот семинар за студентите од Факултетите за медицински науки во Штип и Скопје слушаат и учат од еминетни професори и лекари специјалисти за ракот на дојка и тоа почнувајќи од дијагноза до лекување на пациентот, опфаќајќи го и психолошкиот момент за пациентите.
-Целта на овој семинар е да се подигне свеста и да се сфати дека медицината не е само теорија, пракса, туку е уметност на слушање. Затоа што слушањето е лекот, всушност се слушаат симптомите, се слуша телото, се слушаат и емоциите. Токму тоа и ќе го опфатиме на овој семинар, вели Мирасчиев.
На денешниот еднодневен семинар учествуваа над 200 студентите од Факултетите за медицински науки во Штип и Скопје. вдј/дма/
Фото: МИА