• понеделник, 23 декември 2024

Струмица од вчера членува во Мрежата на силни градови во светот

Струмица од вчера членува во Мрежата на силни градови во светот

Струмица, 27 септември 2023 (МИА) - Општина Струмица  од вчера официјално членува во Мрежата на силни градови во светот кои имаат пристап и механизми за справување со негативните појави кои доведуваат до насилство.

Во известувањето од Мрежата на силни градови стои дека Струмица им се придружува на повеќе од 210 градови и општини ширум светот, посветени на застапување, спроведување и споделување на локални пристапи за справување со сите форми на екстремизам и поларизација кои можат да доведат до насилство.

Според градоначалникот, Костадин Костадинов, доброто работење и справувањето со предизвиците добило признание од сериозна и реномирана меѓународна организација.

-Преку Локалниот совет за превенција и неговите партнери дадоа голем придонес во овој успех на нашата Струмица. Справувањето со предизвиците и нивната превенција ќе продолжи и нека ни е со среќа уште едно големо признание за нашата Општина, рече Костадинов.

Со признанието членка на Мрежата на силни градови во светот се отвора можност за поголема соработка со светски метрополи, но и добивање конретна поддршка за решавање на одредени проблеми

Инаку, Струмица го има најфункционалниот Совет за превенција во државата каде граѓаните во соработка со локални и национални институции ги детектираат проблемите при што нудат решенија како да се надминат. Во Струмица досега се решени проблемите со уличната трговија, кучињата скитници, насилството, препродавачите на девизи и и други проблеми. рт/цр

Фото:МИА архива

Остани поврзан