• четврток, 04 декември 2025

Стојкоски: Откупувачите и мелничарите да ја почитуваат договорената цена за пченицата, а државата да стимулира со по четири денари

Стојкоски: Откупувачите и мелничарите да ја почитуваат договорената цена за пченицата, а државата да стимулира со по четири денари

Прилеп, 12 јули 2025 (МИА) - Годинава родот на пченицата е поквалитетен, жетвата се одвива непечено, а од откупувачите бараме да го почитуваат договореното за плаќање по 12 денари за килограм и трошоци за транспорт, вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери.

Стојкоски смета дека откупувачите калкулираат.

-Цврсто се договоривме на работен состанок со министерот за земјоделство и со откупувачите дека цената на пченицата ќе биде 12 денари плус транспортните трошоци. Но, мора да кажеме дека делумно таа ситуација се почитува што, за жал не е добра работа, зашто откупувачите пред сите нас и пред Министерството за земјоделство потврдија дека цената ќе биде 12 денари плус превоз. Таа состојба откупувачите не ја почитуваат. Ако платат 12 денари, нема да дадат за превоз и, обратно, ќе дадат 11 денари па и за превоз, вели Стојкоски.

Прашањето со складирањето на пченицата е решено. Се уште останува во сила договорот за секој оној кој сака да ја чува пченицата во овластени силоси за чување, а државата ќе им плати. Единствено отворено прашање за Асоцијацијата е што го нема завршено разговорот со Министертството за земјоделство за дополнителни средства за пченицата, по четири денари за килограм. Тоа ќе биде стимул за производството , а и за намалување на зависноста од увозот.

-Ако сакаме да бидеме независни од увоз на пченица, тогаш треба самата држава да „вмеша прсти“ и да ја даде разликата која нам ни е потребна за да биде реално. Станува збор за доплата од по четири денари од државата. Тоа ќе ни даде стимул оваа гранка во земјоделството да ја работиме.Тие разговори се во тек, но сѐ уште немаме доипрецизирано, а јас се надевам дека ќе најдеме решение за она што е реално да се прифати. И оваа година ќе бидеме зависни од увозот, но процентот се намалува. Се надевам дека оваа година ќе имаме околу 280 милиони килограми домашна пченица што е добро и веќе е зголемено производството, иако приносите ќе бидат нешто помали од нашите очекувања, смета Стојкоски.

Како мерка и стимул, неопходно е прво домашното производство да се потроши, па потоа да се увезе пченица. ем/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан