• понеделник, 23 декември 2024

Стојаноски побара итно расчистување на случајот во онкологија

Стојаноски побара итно расчистување на случајот во онкологија

Скопје, 6 септември 2023 (МИА) - Денеска ќе продолжи 120  седница на која ќе се разгледуваат законите од т.н. даночна реформа, наместо да дискутираме за скандалот на Универзитетската клиника на радиотерапија и онкологија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО - ДПМНЕ на денешната прес конференција во Собранието.

- Итно расчистување на овој грозоморен скандал е приоритет и го повикуваме владиното мнозинство да не бега и веднаш да се формира Анкетна комисија и да се разгледува извештајот на ДЗР за утврдените неправилност уште од 2021 година. На криминалците од власта поважно им е да го соберат арачот за да продолжат да крадат, а трагедиите на пациентите од Онкологија и фактот дека некој свесно убивал луѓе, сакаат да ги сокријат низ собраниските лавиринти. За потсетување на граѓаните, ова не е даночна реформа, туку арач на сите нивоа, рече Стојаноски. 

Тој додаде дека со данокот за додадена вредност се зголемува ДДВ за храна на 10, наместо моменталните пет проценти.

- Иако бараме веќе неколку месеци. Власта одбива да ја даде целосната листа на производи што ќе ги поскапи. Во услови на инфлација, која е особено изразена кај прехранбените производи. Власта дополнително ќе ги покачи цените. Дрско, безобразно и надвор од реалноста, изјави Стојаноски. 

Тој рече дека ,,со законот за данок на добивка, ќе ги укинат ваучерите за спорт". 

-Откако ги фатија функционерите од Агенција за млади и спорт дека прават злоупотреби, решија да ги укинат ваучерите, а со тоа да ги казнат спортистите. Системот има слабости, но тие треба да се отстранат, а не да се укинат 10 милиони евра кои го одржуваат и онака кревкиот спорт во Македонија. Во комисиската расправа, министерот за финансии најави нов модел, но еве веќе три месеци поминаа, а такво нешто нема. Дополнително, се додава уште една спорна одредба која му дава преголемо дискреционо право на инспекторот од УЈП да казнува за реинвестирана добивка на база на субјективна одлука, подвлече пратеникот.

Според него со третиот закон, кој се однесува на данокот на солидарност, Владата удира по најуспешните од стопанството.

-Се повикуваат на европски практики, само за побрзо да се дограбат до пари кои немилосрдно ќе ги трошат. Не постои регулатива во ЕУ со која е воведен еднократен данок за сите компании како што е кај нас. Во ЕУ овој данок се однесува само на енергетските компании кои работат со нафта, јаглен, природен гас и електрична енергија. Овој закон нема поддршка од ниту еден општествен чинител и сите стопански комори се едногласно против ова решение, нагласи Стојаноски. 

Власта, додаде тој,  ќе собере стотина милиони евра од граѓаните и стопанството.

-Овие пари власта може да ги собере со сузбивање на распространетата сива економија, но тоа не го прави. Полесно им е да зголемат давачки отколку да работат. За крај повторно сакам да апелирам до мнозинството, дајте веднаш да ја почнеме постапката и расправата за случувањата на Онкологија. Секој изминат ден, е можност за трговците со цитостатици да ги заташкаат трагите. Мора да се утврдат лицата кои направиле злоупотреба и истите да бидат соодветно казнети. Довербата пациент - доктор е сериозно нарушена, да се лоцира одговорност е повеќе од неопходно, порача тој од прес конференцијата. бд/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан