• понеделник, 23 декември 2024

Стојаноски: Законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија

Стојаноски: Законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија

22 септември 2023 

Почитувани,

Солидарниот данок е новото економско промашување. Власта на СДСМ и ДУИ внесува нестабилност во работењето на бизнисот во Република Македонија. Имено, со донесениот Закон за таканаречен данок на солидарност, власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија. Сведоци сме дека одредени делови од Македонија се даночни раеви, а се врши трговија и во странски валути што е истотака казниво.

За потсетување на јавноста со овој закон за солидарност, секоја фирма која работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30% покрај веќе постоечките 10% данок на добивка. Ова не е солидарност, ова е арамилук.

Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе Закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во службен весник ќе биде обжален од сите Стопански комори во државата.

ВМРО - ДПМНЕ не го поддржи овој Закон од повеќе причини:

1. Воведува правна несигурност кај компаниите. Непредвидливоста во даночните политики го намалува инвестирањето на постојните компании, внесува дополнителен ризик кај потенцијалните инвеститори, а за ваквата појава стопанските комори секојдневно реагираат, но власта никако да се корегира веќе 6 години.

2. Не постои ваков закон во рамки на Европа. Како што кажав и погоре, постои Закон за дополнително оданочување на екстремните добивки кај енергетските компании кои стекнаа огромни добивки поради нарушувањата на пазарите на енергија поради војната во Украина.

3. Владата не е солидарна со бизнисот. Ова најдобро се потврдува ако го разгледате Буџетот за 2023та година и како се трошат парите на даночните обврзници. Секојдневно гледаме скандали каде фирми блиски до функционери од власта добиваат тендери во милионски износи.

4. Сериозно нарушување на ликвидноста кај компаниите. Во услови кога се повеќе компании имаат проблеми со наплата на свои побарувања, кога се соочуваат со зголемени каматни стапки на кредитите, а со тоа и повисоки рати за исплаќање, власта одлучи да им одземе голем дел од ликвидните средства и со тоа ќе им нанесе сериозни последици во работењето.

5. Новоформираните компании не се опфатени. Пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија побара и компании формирани во 2022 година да бидат опфатени со овој Закон, но власта тоа не го прифати. После едно тв гостување на најмоќниот партиски претседател од владината коалиција, ни стана јасно зошто мнозинството го одби нашиот предлог, со кој претприемачките способности на овој бизнис- политички клан ќе беа опфатени.

6. Се дестимулираат инвестициите. Со вака поставениот Закон, сите компании кои остваруваат поголеми добивки поради свои поранешни инвестиции во машини, опрема, во дополнително надоградување на своите вработени, ќе бидат сериозно обесправени, а како резултат на тоа ќе размислат добро дали повторно да инвестираат.

Ова се само дел од причините поради кои сметаме дека Законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија. Власта планира со овој Закон да собере дополнителни 76 милиони евра за да може да ги подели на тендери во четири очи со свои компании. Власта прави прераспределба на средства со која крати од Заштита на животната средина и зелен развој, модернизација во Министерството за одбрана, урбанизам и градежништво, водостопанство, изградба и реконструкција на основни и средни училишта и студентски домови итн.

Почитувани,

Ден повеќе на власт со СДСМ и ДУИ е само на штета на државата во секое поле. Економските последици кои ги предизвикуваат се долгорочни и колку побрзо си заминат, толку побрзо ќе може Македонија да почне со раст и развој каков што бараат и заслужуваат граѓаните и стопанството. На Македонија и е неопходно граѓаните да одлучат дали сакаат да се продолжи со моменталните штетни политики или силна и просперитетна Република Македонија.

Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан