• понеделник, 23 декември 2024

Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман ДДВ-то за пелетите да остане 5 отсто

Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман ДДВ-то за пелетите да остане 5 отсто

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека со покачувањето на ДДВ за пелетите од 5 на 18 отсто секое домаќинство ќе треба да издвои плус 6.000 денари месечно во претстојната грејна сезона и најавува дека неговата пратеничка група ќе поднесе амандман да остане постојното решение за ДДВ-то за пелетите.

-Владата прво го покачи ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто, кубен метар огревно дрво е 5.000 денари, а новото покачување на ДДВ-то дополнително ќе го наруши кревкиот семеен буџет на домаќинствата, изјави Стојаноски пред зградата на Собранието по средбата што ја имаше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со производителите и трговците со пелети.

Тој посочи дека вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во изјава што ја видел на медиумите ги повикал пратениците да поднесат барање за да остане истото ДДВ и вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати тоа.   

-Ние како коалиција ќе го поднесеме овој амандман и го повикувам Битиќи да си остане на зборот и мнозинството да го прифати амандманското решение и на тој начин да им се помогне на граѓаните со ставката на ДДВ која треба да остане 5 проценти, а не да се зголеми за 13 проценти како што предлага Владата, рече Стојаноски.

Претседателот на Здружението на производители и увозници на пелети „Биомак енерџи“, Владимир Стојановски, пак, рече дека  ги повикува и другите пратенички групи во текот на неделава да ги повикаат на средба за им ги објаснат нивните аргументи зошто треба предлогот да биде повлечен од процедура и да остане ДДВ-то за пелетите 5 отсто.

Се очекува денеска во собраниска процедура да влезат предлог законите за зголемувањето на ДДВ-то за дел од храната и на пелетите, како и за воведување на солидарен данок.вј/дма/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан