• петок, 22 ноември 2024

Столтенберг се сретна со Бајден пред самитот на НАТО во Вилнус

Столтенберг се сретна со Бајден пред самитот на НАТО во Вилнус

Вашингтон, 14 јуни 2023 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа како дел од подготовките за самитот на Алијансата што ќе се одржи во јули во Вилнус.

„Столтенберг му се заблагодари на Бајден за неговото лидерство и посветеноста на Вашингтон кон НАТО во најопасната безбедносна ситуација во оваа генерација“, се вели во соопштението на НАТО. Тој, исто така, се заблагодари на американскиот Конгрес и на американскиот народ за нивната клучна поддршка за Украина.

Генералниот секретар на НАТО рече дека Америка е водечка во поддршката на Украина, а европските сојузници и Канада исто така обезбедиле десетици милијарди долари воена, финансиска и хуманитарна помош. Столтенберг истакна дека оваа поддршка прави разлика на бојното поле додека Украина ја продолжува својата контраофанзива и работи на враќање на територијата. Тој рече дека сојузниците, на самитот на НАТО во Вилнус следниот месец, ќе ја зголемат поддршката за Украина и дополнително ќе ја зајакнат нејзината одбрана.

Столтенберг додаде дека со нетрпение очекува што поскоро да и посака добредојде на Шведска како полноправна членка на НАТО.

Тој претходно се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по што изјави дека украинските сили напредуваат и добиваат територии во нивната контраофанзива. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан