• недела, 22 декември 2024

Стефановски пливаше маратон на Охридското Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица

Стефановски пливаше маратон на Охридското Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица

Охрид, 14 август 2024 (МИА) - Македонската пливачка легенда Томи Стефановски четири часа пливаше во водите на Охридското Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица.

Стефановски денеска исплива 15 километри од Пештани до Охрид, во знак на поддршка на ранливите категории граѓани.

-Мотивот ми беше овој предизвик да прерасне во традиција. Секоја година на 14 август да се потсетуваме дека треба да се грижиме за сите деца кои, поради различни причини, не добиваат можност да бидат дел од спортот и општествените настани, рече денеска Стефановски после излегувањето од водата.

Хуманитарниот настан беше спроведен во соработка со Невладината организација „ИТК Македонија“ од Скопје и Охридскиот пливачки маратон.

Според Мартин Мојсовски од „ИТК Македонија“, денешниот настан претставува обид за уште поголемо вклучување на лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.

-Заедно со мојот колега Радован Вељановски се бориме за поголема инклузија во спортот и професионализирање на професијата тренер во адаптивни спортови. Полека, но сигурно добиваме се поголема поддршка од заедницата и овој потфат на Томи е од огромно значење за подигнување на свеста за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и нивна интеграција во системот, вели Мојсовски.

Ристе Јанкоски, претседател на Организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон,посочие дека овој хуманитарен настан ќе прерасне во традиција за да се помогне онаму каде што е најпотребно.

-Само со заедништво може да им пристапиме на вакви социјални предизвици и инклузијата не само во спортот, туку и во секојдневниот живот, да е нешто нормално. Со овие чекори сакаме на многу поединци и групи да им дадеме шанса да бидат дел од спортот и од општествените збиднувања, истакна тој Јанкоски.

Инаку, Стефановски на 14 август 2009 година преплива каналот Ла Манш, по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Нико Нестор (1958 година) и 40- годишнината од препливување на Атина Бојаџи во 1969. На Стефановски за препливување на Ла Манш му беа потребни 7:42 часа, што е 13 резултат на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот. аб/дма/

фото: МИА

Остани поврзан