Стенд-ап комичарот Џим Џефрис доаѓа во Скопје
- Настапот е закажан за во големата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“, како дел од неговата 40-дневна европска турнеја.
Скопје, 12 септември 2025 (МИА) - Набргу по премиерата на неговиот последен „специјал“ на Нетфликс, светски познатиот стенд-ап комичар од Автралија, Џим Џефрис, со своето најново шоу доаѓа во Скопје на 5 декември. Неговиот најнов материјал е насловен „Син на еден Столар“ (Son of a Carpenter). Настапот е закажан за во големата сала на Спортскиот центар „Јане Сандански“, како дел од неговата 40-дневна европска турнеја.

„Со интелигентни рутини што опфаќаат секојдневни теми и кариера што трае повеќе од 20 години, Џим Џефрис често настапува на турнеи низ светот, распродавајќи огромни стадиони и сали како ‘Медисон сквер гарден’ (Њујорк), ‘Карнеги хол’ и ‘O2 арената’ во Лондон. На фестивалот ‘Just for Laughs’ (Само за смеа) во Монтреал во 2019 година, Џефрис беше прогласен за стендап-комичар на годината. Тој е и водител, поткастер и писател чие последено Нетфликс-шоу ‘Џим Џефрис: Политика на два екстремитета’ (Jim Jefferies: Two Limb Policy), коешто излезе во август 2025 година, претставува дел од серијалот од шест специјални стендап-шоуа издадени за Нетфликс“, се вели во известувањето.
Билетите за Џим Џефрис веќе се во продажба (Линк). Гостувањето на светската ѕвезда е во организација на Продукцијата „Друга Страна“ - Скопје.
За во македонската престолнина, комичарот ветува незаборавно целовечерно и ексклузивно шоу - целосно изведено на англиски јазик. си/
Фото: Продукција „Друга Страна“ - Скопје.