• вторник, 24 декември 2024

Млади од Западен Балкан и ЕУ преку социјалните мрежи ќе ги презентираат можностите од партнерството со ЕУ

Млади од Западен Балкан и ЕУ преку социјалните мрежи ќе ги презентираат можностите од партнерството со ЕУ

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) –  Дванаесет млади луѓе од ЕУ и од Западен Балкан како дел од 42 -дневната кампања „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“ ќе се обидат преку своите приказни раскажани на социјалните медиуми да ги доближат можностите создадени од партнерството ЕУ - Западен Балкан и нивното влијание врз секојдневниот живот на луѓето.

Избрани се шестмина млади луѓе, по еден од секоја од земјите од Западен Балкан, како и шестмина од земји-членки на Европската унија. 

На прес - конференцијата по повод стартот на кампањата во земјава, во просториите на Европската куќа во Скопје, се претставија двајцата млади блогери, Македонката Елена Василевска и Ник Ван Путе од Белгија. Тие во рамки на кампањата една недела заедно ќе посетат неколку градови и ќе се запознаат со проектите финансирани од ЕУ во земјата, а своите впечатоци ќе ги споделат на своите инстаграм профили.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, ова е одлична иницијатива во која можат да се поврзат луѓето и преку очите на двајцата млади блогери да се покаже она што оваа држава има да понуди. Тој со совет до двајцата блогери да го искористат патувањето и да научат секој од своја страна за земјава, односно за ЕУ.

-Би го посоветувал Ник посебно да пристапи кон се со љубопитност. Сигурен сум дека ќе биде така и исто така се надевам дека во текот на вашите дискусии и вашата посета ќе научиш и ти Елена многу за Европа, ЕУ и за Белгија и мислам дека преку патувањето подобро ќе разберете зошто нашата иднина треба да биде заедно и дека ќе го разберете подобро и мотото и логото за оваа кампања „Од нас направено“, порача шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, кој очекува и фидбек од двајцата како поминале.  

Дона Срдиќ, млад европски амбасадор која е ангажирана во кампањата, појасни дека во суштина ова е трета кампања организирана од ЕУ во шесте држави на Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово. Една од нејзините цели е да ја подигне свеста за вредностите на ЕУ, да  обезбеди информирани јавни дебати за придобивките од пристапувањето во ЕУ, но и да покаже на кој начин ЕУ инвестира во регионот со цел да има подобра иднина за сите, за тоа колку се поврзани земјите од Западен Балкан со ЕУ и дека моќта на луѓето е таа која што создава можност.   

-Пораката која што се обидува оваа кампања да ја сподели и да ја испрати, е дека Западен Балкан расте, се развива со инвестиции од ЕУ, особено оние коишто се направени за младите луѓе. Ник и Елена оваа недела ќе имаат можност да посетат многу проекти финансирани од ЕУ во Северна Македонија и да видат што ЕУ веќе има понудено за луѓето, особено за младите луѓе во Северна Македонија и на кој начин ова влијаело врз нивните животи, вели Срдиќ, нагласувајќи дека ова е прва кампања која поврзува млади од регионот и од ЕУ.  

За Ник, кој е градежен инженер по вокација, ова е прва посета на Северна Македонија и на регионот воопшто. Негова пасија е фотографијата, а од патувањето очекува да научи повеќе за земјава, за културата, за природните убавини, а веќе собрал информации од социјалните мрежи за местата кои ќе ги посетат.

- Од луѓето кои ги познавам на социјалните мрежи, никој не бил на Балканот, така што сакам тоа да го променам и сметам дека вашата држава и регионот имаат многу да понудат. Европските проекти се исто така интересни. Сакам да видам на кој начин тие помагаат, вели Ник.

Елена пак работи со содржини со социјални медиуми и ја дели страста за фотографија и видеографија. Фотографијата на филм е нејзин претпочитан медиум но за ова патување, вели ќе го користи мобилниот телефон. - Се ќе биде спонтано и непосредно, тоа е начинот на кој јас планирам да го претставам патувањето на инстаграм и на webalkans.eu, вели Елена која не го крие возбудувањето за ова патување.

Двајцата во текот на седумдневното патување кое почнува од Скопје, ќе ги посетат Битола, Охрид, Струга, Кичево, Националниот парк Маврово и Тетово, како и проекти финансирани од ЕУ што се реализирани во тие места. Своите импресии на крајот од денот секој од нив ќе ги презентира со избор од фотографии и видеа на нивните лични профили на Инстаграм.

-Ќе понудиме две целосно различни приказни што ќе ги раскажеме бидејќи имаме различен начин на фотографирање, така што содржината што ќе ја подготвуваме, текстовите што ќе ги пишуваме, се ќе биде одвоено, меѓутоа на крајот на секој ден заеднички ќе подготвуваме блог на платформата на webalkans и таму ќе ги споделуваме нашите сопствени ставови во однос на тоа како ни поминал денот, вели Елена. 

Кампањата користи различни инструменти како веб портали, социјални медиуми, телевизија, билборди, настани и ПР ивенти. Кампањата започна на 18 април од Црна Гора, а Северна Македонија е трета од шесте земји од ЗБ кои ќе бидат дел од неа.

Се за кампањата која треба да финишира на 30 мај, може да се најде на веб-страницата https://webalkans.eu/en/made-of-us/ или Facebook, Twitter и Instagram профилите на WeBalkans.www.balkan.eu. веб-портал којшто може да се прочита на сите шест јазици кои се користат во шесте земји од Западен Балкан. вг/бак/

Остани поврзан