• недела, 22 декември 2024

Стано: ЕУ апелира на максимална воздржаност на сите страни по убиството на Ханија 

Стано: ЕУ апелира на максимална воздржаност на сите страни по убиството на Ханија 

Брисел, 1 август 2024 (МИА) - Европската Унија внимателно ги следи настаните по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, посебно случувањата во Техеран и апелира до сите страни на максимална воздржаност и избегнување на ескалација на состојбата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Станo. 

Во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за убиството на Ханија и заканите на Иран упатени кон Израел, Стано потсети дека движењето Хамас се наоѓа на листата на терористички организации на ЕУ и на нејзините партнери и дека обвинител на Меѓународниот кривичен суд имаше распишано налог за апсење на Ханија по повеќе обвиненија за воени злосторства. 

- Сепак, Европската Унија има принципиелна позиција на отфрлање на вонзаконски убиства и за поддршка на владеењето на правото, вклучително и во меѓународните односи и меѓународната кривична правда. Во контекст на актуелната ситуација, го повторуваме повикот на Европската Унија до сите страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат каква било понатамошна ескалација, бидејќи ниту една земја и ниту една нација нема да имаат корист од понатамошната ескалација на состојбата на Блискиот Исток и во поширокиот регион, додаде Стано. 

Во врска со присуството на заменикот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) задолжен за политички прашања, Енрике Мора на церемонијата за инаугурација на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан во Техеран, во, како што беше посочено, „друштво на терористи од Хамас и Исламски Џихад“, Стано одговори дека ЕУ останува на својата политика на „критички ангажман“ во односите со Иран и дека целата на посетата на европскиот дипломат била да и се пренесе ваквиот став на Унијата на новата иранска Администрација. 

Според Стано, „критичкиот ангажман“ значи да се посочува на сите несогласувања и забелешки на политиката на Иран, но дека тоа не значи и прекин на дијалогот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан