• вторник, 27 јануари 2026

ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува кон протестот на работниците

ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува кон протестот на работниците

Скопје, 27 јануари 2026

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за 28 јануари 2026 година. Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор, со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјата. ССНМ смета дека приклучувањето кон протестот, на кој повикува Сојузот на синдикатите и е закажан за среда од 17 часот, е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците, се вели во соопштението на ССНМ, што МИА го објавува интегрално.

Аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи, особено во медиумската индустрија, која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа, што во продолжение се рефлектира и врз целокупните општествени процеси во Македонија.

Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС, објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјата, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и други, кои од работодавачите се држат на минималната плата. Со оглед на тоа дека повеќето од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.

Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување е недоволно и дека со подигнување на сумата повеќето од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјата.

ССНМ уште пред шест месеци го соопшти својот став за зголемување на минималната плата и тој во целост кореспондира со барањата на поголемите синдикати, а во оваа пригода одново се приклучува на барањата за кои сметаме дека се и повеќе од легитимни.

ССНМ смета дека барањето за зголемување на минималната плата не само што е потребно за медиумските професионалци и нивната егзистенција туку е и неопходно и од големо значење за самите граѓани, на кои им се потребни професионални и навремени информации, кои се зависни од економско-социјалната стабилност на новинарите и медиумските работници. 

ССНМ
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан