• вторник, 05 ноември 2024

ССМ најави генерален штрајк за 22 јуни, доколку дотогаш не бидат исполнети нивните барања

ССМ најави генерален штрајк за 22 јуни, доколку дотогаш не бидат исполнети нивните барања
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија денеска донесоа одлука за генерален штрајк што треба да се одржи на 22 јуни, доколку дотогаш не бидат исполнети нивните барања за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година. - Денеска Претседателството на ССМ донесе одлука за повикување и поведување на генерален штрајк во јавниот сектор доколку не се исполнат нашите барања - потпишување на општ колективен договор каде што ќе се утврди линеарно зголемување од 2.806 денари за сите работници во јавниот сектор и враќање на изгубеното право регрес од 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата. Доколку ова не се случи до 21 јуни, на 22 јуни ССМ, онаму каде што е синдикално организиран, ќе ги повика сите работници како членови и сите останати незадоволни работници да ги прекинат нивните работни процеси на своите работни места и да изразат големо незадоволство или како што велиме да направиме еден генерален штрајк, изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Тој најави дека ќе се штрајкува секаде каде ССМ е синдикално организиран во јавниот сектор, војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата, администрацијата... ССМ бара Владата „сериозно да ја сфати работата“ бидејќи, како што рече Димовски, ова се барања на Синдикатот од 1 мај кога им било кажано дека покажувањето би било можно само по донесувањето на ребалансот на Буџетот и со утврдување на овие парични средства во Законот за извршување на буџет. - И ова за што денеска ние се залагаме да го добиеме е нивно барање до нас, да ги сфатиме, да ги почекаме, бидејќи се ова може да се случи само на 1 јули. Еве, денеска јавно ги повикуваме, прифаќаме од 1 јули линеарно зголемување на платите од 2.806 денари. Износот не е голем, износот е солидарен и износот е да се амортизираат ценовните шокови и двоцифрената инфлација, рече Димовски. Од Владата, нагласи тој, немале одговор за барањето за линеарно зголемување од 2.806 денари кои тие го предложиле да биде од 1 јули, бидејќи министерот за финансии Фатмир Бесими им рекол дека тоа „го нема утврдено со новиот ребаланс на Буџетот“. - Пак ќе напоменам дека истите тие не убедуваа дека тоа треба да се случи во ребалансот на Буџетот и во Законот за извршување на буџетот, бидејќи тие парични средства се наменски средства за плати на работниците, рече Димовски. Истото барање за линеарно зголемување на платите, нагласи Димовски, се однесува и на приватниот сектот. - Истото го правиме и во приватниот сектор. Во приватниот сектор многу ни оди подобро. Онаму каде што сме синдикално организирани и во текот на вчерашниот ден и во текот на денешниот ден потпишуваме усогласување на колективните договори со линеарен износ на покачување на платите на работниците во приватниот сектор. Но, пак напоменувам, онаму каде што сме синдикално организирани. Затоа повикувам сите работници да се здружат во кој било синдикат за да бидеме здружени бидејќи само така можеме да ги оствариме целите, рече претседателот на ССМ. Одлуката за стапување во генерален штрајк ССМ ја донесе откако вчера не беше постигнат договор со Владата линеарно да се зголемат останатите плати во јавниот сектор, по зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари. Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за покачување на платите, иако тоа им било ветено за време на преговорите. сст/сп/

Остани поврзан