• недела, 22 декември 2024

Средношколци дебатираа со експерти за органодарителство

Средношколци дебатираа со експерти за органодарителство

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Во рамки на кампањата за подигнување на јавната свест за органодарителство и трансплантација во земјава, изминатата недела во просториите на „Европска куќа“ во Скопје се одржа дебата со ученици од средните училишта на тема органодонорство. На дебатата учествуваа ученици од средните државни училишта „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Здравко Цветковски“, „Лазар Личеноски“, „Панче Караѓозов“, како и претставници од Сојузот на средношколци, информираат денеска од Министерството за здравство.

На дебатата учествувале и националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, заменик националниот координатор за трансплантација Билјана Андоновска, како и раководителката на програмата за трансплантација на органи и ткива при Министерство за здравство, Адријана Георгиев.

- Учениците од средните училишта имаа можност да ги слушнат и словенечките искуства на оваа тема од доктор Даница Авсец која со години го водеше „Словенија трансплант“ и тим лидер на проектот за трансплантација и органодонорство, што во моментот се спроведува во нашата држава. Дебатата се надоврзува на двата повика за визуелни дела, постери, слоган и лого за професионални дизајнери и за средношколци, со цел брендирање кампања што ќе ја покаже важноста на трансплантацијата, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж, пишува во соопштението.

Според доктор Мојсова, младите во суштина го познаваат принципот на органодонорство и трансплантација. Идејата на оваа средба со учениците, како што се посочува во нејзината писмена изјава, е да се доближи процесот кој „можеби изгледа страшно, дури и за повеќето здравствени работници, не само за средношколците“.

- Сметам дека треба да допреме до младите како идна сила на ова општество - да се информирани, да носат сопствени одлуки. За жал, никој од нас не е вечен. Неопходен ни е разговор на теми од кои нема да се плашиме и ќе градиме ставови. Некогаш животот нѐ носи во ситуации кога ни е потребно соочување и важни одлуки, додава таа.

Органодарувањето некогаш е живот, подвлекува таа, а некогаш продолжување на животот.

- Дарувањето по мозочна смрт значи уште поголема љубов од дарувањата во рамки на семејството. Лесно е да ги сакаме нашите членови од  семејство, блиско и далечно. Но, кога се дарува на непознати приматели - зборуваме за човечката димензија на љубовта, која ги надминува границите на нашето семејство. Генерално, сѐ се сведува на тоа да си помагаме едни со други. Блиските секогаш треба да носат одлуки со кои ќе бидат во мир, и ќе бидат во согласност со нивните душевни и човечки особини, истакнува Мојсова.

Настанот бил дел од проектот „Поддршка на системот за донирање и трансплантација на органи во Македонија“, финансиран од ЕУ. бд/са/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан