• недела, 22 декември 2024

Средби во рамки на карванот „Рамо до рамо“: Сега е моментот за одлука и забрзување на евроинтеграциите

Средби во рамки на карванот „Рамо до рамо“: Сега е моментот за одлука и забрзување на евроинтеграциите

Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Постои оптимизам дека европската перспектива може да стане реалност со заедничка одговорност на сите парламентарни партии, затоа што членството во ЕУ е одговорност на сите, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ на средба со граѓаните на Куманово во рамки партискиот караван „Рамо до рамо до победа“.

Маричиќ додаде дека сега е вистинскиот момент за нов чекор на европскиот пат и затоа дијалогот треба да продолжи.

- Нема да се откажеме од дијалогот, дијалогот е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност. Ако цела европска и светска јавност ни вели дека сега е вистинскиот момент и ние знаеме што се нашите обврски, вистинското место, вистинското време за отворање на дијалогот е сега, порача Маричиќ, додавајќи дека по 17 години во чекалната на ЕУ, државата и граѓаните немаат време за губење.

Тој нагласи дека, СДСМ како одговорна партија подаде рака и ќе продолжи да ги повикува сите политички чинители, особено ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на овој процес што е исклучително важен за иднината.

- Историската шанса мора да се искористи, после скоро една година откако ги започнавме преговорите со ЕУ, имаме реална шанса да бидеме во пакетот на држави кои ќе бидат идни членки на ЕУ, имаме реална шанса за реализација на уште една стратешка цел, порача Маричиќ.

Членот на ЦО на СДСМ Оливер Спасовски, пак, на средба со граѓаните на Општина Кавадарци во рамки караван „Рамо до рамо до победа“порача дека е добро што започна дијалог со опозицијата, бидејќи сега е време за одлука за усвојување на уставните измени и забрзување на европскиот пат на државата.

- Ова се одлуки за иднината на државата и граѓаните, ова не го правиме заради Владата или партијата, туку за државата и за иднината на генерациите пред нас. Ова е момент за забрзување на евроинтеграциите и секоја партија треба да одлучи. Треба да го искористиме моментот и да донесеме одлуката. Изборот е дали ќе одиме во интеграција во ЕУ или во изолација, рече Спасовски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува непринципиелно и ги менува ставовите.

За европската иднина на државата пред граѓаните на Кичево зборуваше и портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која нагласи дека државата како никогаш досега има силна меѓународна поддршка за членство во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет.

- Последен доказ за тоа е Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг, со која се потврдува македонската култура, идентитет и јазик, како дел од европското културно наследство. ДПМНЕ не направи ништо и не лобираше кај своите сестрински партии во Германија да ја поддржат резолуцијата, истакна Кузеска на средбата во Кичево на која присуствуваше и членката на ИО на СДСМ, Милена Стевановиќ.

Кузеска истакна и дека СДСМ покажа државнички капацитет и подаде рака за дијалог.

- Мицкоски и ДПМНЕ променија став, веќе не се против уставни измени, прифаќаат учество во заедничка Влада и признаваат легитимитет на Собранието да ги донесе уставните измени. Дијалогот треба да продолжи. Сега на Мицкоски и опозициската ДПМНЕ е да покажат дали се интеграција во ЕУ, порача Кузеска.

На средби со граѓаните на Демир Капија, членката на СДСМ, Каја Шукова нагласи дека земјава е лидер на Балканот во енергетска трансформација од обновливи извори, а забрзувањето на европскиот пат ќе донесе пристап до нови фондови и нови проекти за зајакнување на енергетската независност на државата, за заштита на животната средина. сп/

Фото: СДСМ

Остани поврзан