• недела, 22 декември 2024

Средба на сопственици на приватен недвижен имот и градоначалникот на Берово

Средба на сопственици на приватен недвижен имот и градоначалникот на Берово
Берово, 18 април 2022 (МИА) - Во Берово заврши состанокот помеѓу иницијативниот одбор на сопственици на приватен недвижен имот и градоначалникот Звонко Пекевски, на кој беа разгледани спорните прашања, со кои се соочуваат сопствениците по прогласувањето на дел од Малешево за заштитен предел. Со цел да бидат расчистени сите недоследности во самиот процес, како што истакна Пекевски, изграден е став да се организира нов заеднички состанок со претставници на државни институции, по што ќе се знае дали донесената одлука ќе претрпи промена. - После напорниот состанок со иницијативниот одбор и со луѓето кои подолго време имаат проблем со сопствениот имот кој е опфатен на заштитеното подрачје, изградивме неколку заклучоци кои во најскоро време треба да бидат процесуирани од нас како Општина, до соодветните институции. Донесовме одлука да организираме состанок на кој би ги изнеле сите недоречени работи кои треба да бидат предмет на разговор, по кој треба да се изгради заднички став за тоа што понатаму, дали забелешките се издржани, дали  навистина треба претходно донесената одлука да претрпи промена, за да имаме задоволство и на подрачјето на Општина Берово и на заштитеното подрачје, а истовремено и на граѓаните сооственици на имот, рече Пекевски. Претседателот на иницијативниот одбор Бранко Скендерски во име на сопствениците на приватен недвижен имот ја поздрави отвореноста на општината и градоначалникот да се слушне нивното мислење. - Отворен беше разговорот од двете страни, беше дадена шанса на сите кои протестираат да го кажат своето мислење, но не можам да кажам што ќе биде понатаму. Очекуваме градоначалникот да не извести за следните постапки, со цел да ги отстраниме оние најавени поголеми протести кои планираме да ги реализираме за празниците, рече Скендерски. Средбата се одржа откако сопствениците на приватен недвижен имот изминатиот петок започнаа мирен протест блокирајќи го два часа влезот на Берово. На 14 јануари годинава Владата донесе одлука за заштита на дел од Малешевскиот предел, кој опфаќа околу 11.000 хектари површина од кој дел шума, а дел земјиште во приватна и државна сопственост. вс/цр

Остани поврзан