Средба на Сиљановска-Давкова со претседателот на ОАЕ: фокус на економијата и билатералната соработка
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед ал-Нахјан.
Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед ал-Нахјан.
На средбата претседателката изразила благодарност за гостопримството и можноста за учество на самитот оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот, како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, биле перспективите за продлабочување на билатералната соработка и била посочена потребата од унапредување на правната рамка.

Посебен акцент бил ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од заемен интерес, кои се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето безвизен режим меѓу двете држави оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постојните конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, која се базира на принципите на мир и толеранција.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности. дма/са/
Фото: Кабинет на Гордана Сиљановска-Давкова