• недела, 22 декември 2024

Средба на претставници на Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици со министерот Андоновски

Средба на претставници на Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици со министерот Андоновски

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Претставници на Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици, ММА, оствариле средба со ресорниот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на која се разговарало за состојбите и предизвиците во медиумската сфера. 

-Како најголеми и највлијателни медиумски куќи во Македонија, му ја предочивме на министерот состојбата на медиумскиот пазар кој се соочува со огромни предизвици, но и непочитување на последните измени на Законот за АВМУ , член 141 и 141-а, со што националните ТВ станици се доведуваат во нерамноправна и подредена ситуација. Преку пластични примери го запознавме министерот Андоновски и за проблемот на галопирачката ТВ  пиратерија на нашите, но и странските ТВ програми како и за недоволно прецизирана медиумска регулатива полна со легални нелогичности, се вели во соопштението од ММА по средбата со министерот Андоновски.

На средбата претставниците од ММА напоменале дека „Македонија, Црна Гора и Босна се последните земји во Европа каде поголемиот дел од кабелските оператори ги преземаат телевизиските програми и нив им ги продаваат на гледачите, без притоа на телевизиите да им исплатат одреден надоместок.

Оваа нивна пракса, велат од ММА, се коси со основните бизнис постулати, но, истовремено крши и неколку закони кои се доста стриктни кон непочитувачите на нивните одредби.

-Ја известуваме јавноста дека доколку и овој кабинет на нашето ресорно министерство, како што беше случај и со претходните,  во разумен правен рок не ни ги обезбеди елементарните услови за работа на нашите медиумски компании, ние ќе бидеме принудени да преземеме соодветни чекори, наведуваат од  Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици. сст/мд/

фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан