• петок, 05 декември 2025

Средба на претседателите на Чешка и Полска во Прага

Средба на претседателите на Чешка и Полска во Прага

Прага, 24 ноември 2025 (МИА) – Претседателот на Чешка, Петр Павел, денеска во Прага се сретна со својот полски колега, Карол Навроцки со кого разговараше за руската инвазија на Украина и за соработката во рамките на Европската Унија и НАТО.

Чешкиот претседател наведе дека тој и Навроцки го делат ставот дека Русија е најголемата закана за безбедноста во Европа.

Кабинетот на претседателот Павел претходно соопшти дека теми на разговор ќе бидат и трговската и безбедносната соработка меѓу двете земји, која доби на значење по рускиот напад на Украина.

Во областа на безбедноста, Чешка и Полска соработуваат во обуката на украинските војници, која на полска територија ја спроведуваат припадници на чешката војска.

Разговорот на двајцата претседатели опфати и енергија и инвестиции во безбедноста, како и меѓународни иницијативи.

Полскиот претседател Навроцки нагласи дека Вишеградската група, политичкиот сојуз на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и Иницијативата за три мориња, имаат успешна иднина пред себе.

Навроцки ја посети Чешка првпат откако стапи на функција.

Во Прага пристигна синоќа, а на аеродромот го пречека министерот за надворешни работи во заминување, Јан Липавски.

Како што претходно јави полската агенција ПАП, Навроцки ќе се сретне и со претседателот на движењето АНО и веројатен следен чешки премиер, Андреј Бабиш.

Навроцки ќе го посети и Универзитетот во Прага. јт/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан