Средба на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Северна Македонија и на Турција
- Членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција остварија средба со своите турски колеги кои престојуваат во возвратна посета на земјава.
Скопје, 24 јуни 2025 (МИА) - Членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција остварија средба со своите турски колеги кои престојуваат во возвратна посета на земјава.
Оваа посета на Делегацијата од Меѓупарламентарната група за пријателство Турција – Северна Македонија, на Големото турско национално собрание, предводена од претседателот Ахмет Килич, како што било оценето на средбата, е уште една можност за интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете земји, кои традиционално негуваат исклучителни пријателски односи.
-Претседателот на ПГ на Собранието на РСМ за соработка со Парламентот на Република Турција, Бејџан Иљас, оцени дека односите меѓу двете земји се на највисоко можно ниво во повеќе области. Тој посочи и дека економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција е мошне задоволителна, со интенција да премине на уште повисоко ниво, како што е и соработката на ниво на парламенти, информираат од собраниската прес-служба.

Килич нагласил дека турската заедница во Северна Македонија е значаен мост на билатералната соработка. Очекуваме, рекол Килич, нашите сонародници во Северна Македонија, особено оние кои имаат значајни улоги во општеството, да дадат свој посебен придонес за земјата во која живеат.
Пратениците од Северна Македонија и од Туркије размениле мислења и за регионалната стабилност, за соработката во рамки на НАТО, како и за можностите за интензивирање на соработката во многу други области, како здравството, образованието или туризмот.
Соговорниците заклучиле дека двете земји споделуваат историски врски и заеднички културни и цивилизациски вреености и дека во тешки моменти секогаш си подавале рака за помош и поддршка. сст/лв/
Фото Собрание