• петок, 22 ноември 2024

Средба на министерот Тошковски, заменик министерот Буши и дополнителниот заменик министер Бојмацалиев со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик

Средба на министерот Тошковски, заменик министерот Буши и дополнителниот заменик министер Бојмацалиев со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик.

Како што информира МВР, министерот Тошковски го запозна амбасадорот Гжелчик за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на претстојните избори. Моменталното раководство во МВР, рече, заеднички вложува напори и се залага изборите да бидат европски, фер и демократски.

Тошковски го поздрави разбирањето на земјите членки на ЕУ кое го имаат во однос на техничката природа на прашањето за проблемот со патните исправи, изразувајќи волја за надминување на овој проблем. Во недостиг на заедничка одлука на земјите членки на ЕУ, останува секоја членка сама да решава за својот став по ова прашање. Во таа насока, амбасадорот Гжелчик го пренесе ставот на Варшава дека е ова техничко, а не политичко прашање и дека тие нема да бидат пречка македонските граѓани затекнати на полска територија-слободно да се движат, се додека тие граѓани не остварат влез во својата матична земја со стариот образец на патна исправа.

Амбасадорот Гжелчик стави акцент на досегашната соработка, особено за време на миграциската криза каде Полска со својата Гранична стража даваше поддршка на нашата јужна граница, а во моментов истото го прави преку ФРОНТЕКС.

На крајот од средбата, министерот Тошковски изрази уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на обемот на соработката со Полска како наша долгогодишна пријателска земја.

Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев изрази благодарност во свое и во име на МВР за целокупната поддршка што Полска ја дава на нашата држава, како партнери преку Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, која беше овозможена со потпишувањето на Договорот од страна на поранешниот министер Оливер Спасовски и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Воедно, Бојмацалиев ги истакна заложбите за периодот што следи во однос на организирање на слободни, фер и демократски избори по европски терк. мч/са/

фото: МВР

Остани поврзан