• четврток, 19 декември 2024

Средба на Комисијата за европски прашања со Делегацијата од Баварија - Германија е значаен партнер во напорите на земјава за членство во ЕУ

Средба на Комисијата за европски прашања со Делегацијата од Баварија - Германија е значаен партнер во напорите на земјава за членство во ЕУ

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Членовите на Комисијата за европски прашања денеска оствариле средба со Делегацијата на Парламентот на Баварија, предводена од Герхард Хоп, член на Комисијата за Европа во овој регионален парламент во Сојузна Република Германија. На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, било потенцирано дека Германија е значаен партнер во напорите на нашата земја за членство во ЕУ.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Игор Здравковски, ја поздравил баварската Делегација, во чиј состав се вклучени и стопанственици, притоа истакнувајќи дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи да работи посветено во остварување на стратешката цел на државата за интегрирање во ЕУ.

Во име на баварската Делегација, Хоп посочил дека за Баварија, како и за Германија во целина, е мошне важно да остварува контакти со сите земји од регионот на Западен Балкан, со кои, како што потенцирал, негуваат добри историски, културни и лични односи.

-Како претставници на регионален Парламент, добро знаеме колку е битна регионалната соработка и затоа имате целосна поддршка да бидете дел од европското семејство, напоменал Хоп на средбата.

Како што соопштија од Собранието, присутните на средбата се согласиле дека двете земји имаат мошне добра соработка и во делот на економијата и образованието, иако, како што заклучија, секогаш има простор за дополнително продлабочување и интензивирање на односите во сите области.бт/дма/

Фото: Собрание

Остани поврзан