Средба на заменикот генералниот секретар на Собрание Ѓошевски со специјалната пратеничка на финското Претседателство со ОБСЕ
- Придонесот на ОБСЕ за нашата земја, како и за улогата на Северна Македонија во рамки на Организацијата, се дел од темите на денешната средба на заменикот генерален секретар на Собранието Никола Ѓошевски со амбасадорката Терхи Хакала, специјален пратеник на финското Претседателство со ОБСЕ.
Скопје, 8 мај 2025 (МИА) - Придонесот на ОБСЕ за нашата земја, како и за улогата на Северна Македонија во рамки на Организацијата, се дел од темите на денешната средба на заменикот генерален секретар на Собранието Никола Ѓошевски со амбасадорката Терхи Хакала, специјален пратеник на финското Претседателство со ОБСЕ.
Како што информираат од собраниската прес-служба, како круна на соработката било истакнато претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, при што значаен акцент беше ставен на придобивките од теренските мисии, како важен предуслов за подобрување на животот на луѓето кои се крајни корисници на активностите на Организацијата.
Посебно било потенцирано активното учество на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ, уште од 1993 година. Била посочена и вклученоста на нашата Делегација во мисиите за набљудување на избори во други земји, како што и ОБСЕ/ОДИХР ги набљудува сите изборни циклуси во земјава, почнувајќи од 1998 година. Во тој контекст, соговорниците се осврнале и на потребата од вклучување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во изборната регулатива пред претстојните локални избори.

Ѓошевски се осврнал на значењето на новиот Деловник за олеснување и демократизација на процедурите во Собранието. Во тој контекст, ја нагласил и плодната соработка со Мисијата на ОБСЕ за зајакнување на независноста, надзорната функција и демократската мисија на законодавниот дом, како и во промовирањето на родовата еднаквост и младинските политики.
Амбасадорката Хакала се осврнала на приоритетите на финското Претседателство со ОБСЕ. Таа го истакнала и значењето на парламентарната димензија во исполнувањето на мисијата на Организацијата, посочувајќи на потребата од постојано надградување на зацртаните принципи и унапредување на соработката помеѓу земјите членки на повеќе нивоа.
На средбата присуствувал и Никлас Линдквист, амбасадор на Финска со седиште во Белград, кој се осврнал на поддршката од нашата земја при зачленувањето во НАТО. Тој, исто така, изразил поддршка за понатамошниот процес за интеграција на Северна Македонија во ЕУ. фф/нд/
Фото: Собрание