• петок, 21 февруари 2025

Средба на делегација од Извршниот одбор на Советот на амбасадори со амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас

Средба на делегација од Извршниот одбор на Советот на амбасадори со амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Делегација од Извршниот одбор на Советот на амбасадори денеска имаше средба со амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.

Средбата, како што соопшти Советот на амбасадори, „се оддржа во пријателска атмосфера, со продуктивни дискусии на теми од заеднички интерес за двете страни, пред се продолжување со фокусот и засиленото темпо на спроведување на реформската агенда и откочување на интегративниот процес на земјата во ЕУ“.

- Со потполна доверба во капацитетите на државата за рапиден прогрес во пристапните преговори, амбасадорот Рокас изрази убедување дека со надминување на последната препрека на овој повеќе-децениски пат, т.е. усвојувањето на Уставните измени, Северна Македонија ќе може да ја забрза  динамиката на пристапување кон Унијата. Амбасадорот Рокас истакна дека Северна Македонија треба да го искористи постојниот моментум, кога проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан ужива висока поддршка во земјите-членки.  Северна Македонија е високо респектирана во Брисел, меѓудругото и заради усогласеноста на политиките во однос на надворешните работи и одбраната, и може и понатаму да смета на нивна целосна поддршка.  Рокас верува дека Советот на амбасадори, со своето богато дипломатско искуство може да даде голем придонес во овие процеси, се наведува во соопштението.

Делегацијата на Советот на амбасадори ја истакнала својата цврста определба, како непартиска и независна асоцијација, преку понатамошна тесна соработка со највисоките надворешно-политички чинители во земјата и со претставниците на ЕУ, да продолжи со безрезервната поддршка на реформските процеси и реализација на евро-интеграциите на земјата во Унијата./

Фото: Совет на амбасадори                                                 

 

Остани поврзан