• петок, 05 декември 2025

Средба на градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски со австрискиот амбасадор Памер

Средба на градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски со австрискиот амбасадор Памер

Скопје, 24 јули 2025 (МИА) - Развојните насоки на Општина Кисела Вода, но и пошироката слика од локалната самоуправа и австриските искуства, биле во фокусот на средбата помеѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Мартин Памер.

Како што соопштија од општината, средбата се одржала во пријателска атмосфера и била посветена на размена на идеи за унапредување на соработката и можностите за заедничко делување.

Градоначалникот Ѓорѓиевски го информирал амбасадорот за општите развојни насоки на Општина Кисела Вода, но и за пошироката слика од локалната самоуправа, зборувајќи од позиција на претседател на ЗЕЛС и пренесувајќи дел од искуствата и предизвиците со кои се соочуваат општините низ државата.

- Имав чест да остварам средба со амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, со кој имавме искрен и продуктивен разговор за важноста на локалната власт како двигател на развојот. Споделивме размислувања за значењето на соработката меѓу општините и дипломатските претставништва, која може да донесе нови перспективи и поддршка во процесите на модернизација и ефикасно управување, истакна Ѓорѓиевски.

Тој го информирал за тековниот развоен импулс во Општина Кисела Вода, динамичните процеси на инфраструктурна обнова, унапредување на јавните услуги, инвестициите и потенцирал дека преку систематска работа, планирање и отвореност кон граѓаните, создале општина која постојано се менува на подобро.

- За мене, секоја соработка со напредни европски држави како Австрија е можност да учиме, да пренесуваме добри практики и да создаваме подобра иднина за сите наши граѓани. Затоа верувам дека и оваа средба претставува важен чекор кон воспоставување конкретна и корисна соработка која ќе донесе реални придобивки за локалната заедница, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски на средбата со австрискиот амбасадор Памер. нд/паг/

Фото: Општина Кисела вода

Остани поврзан