• понеделник, 23 декември 2024

Средба на Гаши со турскиот амбасадор Улусој

Средба на Гаши со турскиот амбасадор Улусој

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со турскиот амбасадор Фатих Улусој, на која соговорниците биле сложни дека двете земји негуваат одлични пријателски односи и соработка.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши се заблагодарил за целокупната поддршка којашто Турција ја дава на нашата земја уште од независноста па навака. За нивото на меѓусебна соработка, како што посочуваат, сведочи и интензитетот на средби на највисоко ниво.

-Земјите ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјава се мост меѓу двете земји. Во нашата земја редовно се одбележува 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, на кој традиционално гостува претседателот на Големото национално собрание на Турција. Во двата парламента се формираат и успешно функционираат пратенички групи за пријателство и соработка, а постои и плодна соработка во рамките на меѓународните парламентарни собранија, посочил Гаши на средбата со турскиот амбасадор.

Во однос на економијата, културата и образованието, меѓусебните односи, како што наведуваат од собраниската прес-служба, се на највисоко ниво. Турција, потенцирал Гаши, е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори и се јавува како стратешки инвестициски партнер.

Исто така, Турција беше принципиелен поддржувач на нашето членство во НАТО, каде сега сме сојузници, а надежите се дека во скоро време двете земји ќе бидат и дел од Европската Унија.

Двете страни изразиле убедување дека плодната соработка на највисоко парламентарно и државно ниво ќе продолжи и во тековниот парламентарен состав, со меѓусебни посети. фф/нд/

Фото: Собрание

Остани поврзан