• среда, 10 јули 2024

Средба на Гаши со постојаната координаторка на ОН Дуџак

Средба на Гаши со постојаната координаторка на ОН Дуџак

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието  Африм Гаши денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во државава Росана Дуџак.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши оценил дека средбата преставува одлична можност да се разменат информации и идеи како да се продлабочи соработка меѓу Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации и Собранието. Истовремено, тој изразил благодарност до агенциите на ОН во земјава за активностите што ги спроведуваат во областа на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето, родовата еднаквост, рамномерниот регионален развој и слично, како и за нивната досегашна соработка со работните тела на Собранието.

Претседателот на Собранието се осврнал и на вклученоста на законодавниот дом во Четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед за човекови права, со организирање на заеднички настан со Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН, работилница за градење капацитети на собраниската служба и учество на претставници од Собранието на Интерактивниот дијалог со Советот на човекови права на ОН. Тој, исто така, нагласил дека Собранието  и во овој парламентарен мандат активно ќе учествува во работата на Интерпарламентарната унија (ИПУ), која е постојан набљудувач во Генералното собрание на ОOН и остварува плодна соработка со голем број на специјализирани институции и програми на Обединетите нации.

Постојаната координаторка на ООН Росана Дуџак информирала за активностите на Обединетите нации во државава и нивната соработка со сите министерства, особено во врска со имплементацијата на Агендата 2030 и целите за одржлив развој (ЦОР). Таа се осврнала и на досегашната успешна соработка со Собранието и ја нагласила подготвеноста на Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН да се организира брифинг за новите пратеници за улогата на парламентите во постигнувањето на ЦОР.

Гаши и Дуџак размениле мислења за значењето на квалитетно образование и потребата за реформа на образовниот систем, како и идните насоки на делување на овој план, во соработка со УНИЦЕФ, УНЕСКО и другите меѓународни партнери.

Како што наведуваат од собраниската прес-служба, соговорниците се согласиле дека во наредниот период треба да продолжи и да се унапреди плодната соработка на Собранието со Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН и со агенциите на ОН во земјава.фф/лв/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан