Средба на амбасадорот Спахиу со претседателката на МД „ВМРО ДПМНЕ - Албанија“, Симонофски
Дебар, 24 септември 2025 (МИА) - Вршителот на должноста, македонски амбасадор во Тирана, Љуфтим Спахиу, денеска во амбасадата ја прими претседателката на новото македонско друштво „ВМРО ДПМНЕ - Албанија“, Елена Горица Симонофски.
-На денешната средба со претседателката на новоформираното македонско друштво „ВМРО ДПМНЕ - Албанија“, Елена Горица Симонофски, разговаравме за активностите и идните планови на друштвото, со посебен акцент на соработката за зачувување и претставување на македонската култура и традиција во Тирана, но и низ целата територија на Албанија, информираа од амбасадата.
Во објавата на официјалната страница на Фејсбук, од амбасадата додаваат дека „како и секогаш, амбасадата останува посветена на поддршка на македонската заедница во Албанија, како и на зајакнување на врските и соработката со нашинците на овие простори“.
Спахиу, упатил честитки и искрени желби за успех на новото друштво во неговата работа и идните активности.
Новата асоцијација на Македонците беше регистрирана на почетокот на овој месец, кога Симонофски, за МИА изјави дека друштвото е формирано со една возвишена цел: да ги обедини сите Македонци во Албанија, без разлика на местото, улогата или политичката припадност.
-Време е да зборуваме заедно, да дејствуваме гласно и да се избориме организирано за нашите права, идентитет и подобра иднина. Друштвото ќе биде дом за сите кои ја носат Македонија во своето срце. Ќе биде поддршка за активностите и иницијативите во насока на остварување на своите цели и поддршка на своите членови. Нашето мото е дека заедно сме посилни, заедно сме Македонија, посочи таа за МИА.
Освен оваа асоцијација на Македонците, во Албанија постојат и друштвата „Илинден“, „Преспа“, „Сонце“, „Мир“, „МЕД“ и „Прегор“, како и единствената партија Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ). вт/мч/
Фото: Македонска амбасада во Тирана