• недела, 22 декември 2024

Средба Митрески - Вал: Собранието ќе работи со полн капацитет до одржување на изборите

Средба Митрески - Вал:  Собранието ќе работи со полн капацитет до одржување на изборите

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Јован Митрески, денеска имаше средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Килиан Вал, на која се разговараше за досегашната соработка и за обврските на законодавната власт во периодот до одржување на годинешните избори.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Митрески, тој изрази задоволство поради долгорочната и продуктивна соработка на земјава со ОБСЕ во изминатите 32 години, која, како што рече, резултираше со одржување на Самитот на Организацијата во Скопје кон крајот на минатата година. 

Осврнувајќи се на активностите на Собранието до крајот на мандатот на овој состав, претседателот Митрески потенцира дека претстојните парламентарни избори се први редовни по 16 години во земјава. Со оглед на тоа што, како што посочи, овојпат нема потреба од распуштање на Собранието, тоа ќе работи во полн капацитет до почетокот на кампањата пред првиот круг од претседателските избори, а ќе биде во заседание до конституирањето на новиот собраниски состав.

Претседателот Митрески информира дека ќе ги распише изборите околу 14-ти овој месец, согласно роковите предвидени со Уставот и со Изборниот законик, посочувајќи дека овој состав на Собранието, во рамки на своите надлежности, моментално е фокусиран на обезбедување на сите предуслови за фер и демократски избори.

Амбасадорот Вал, честитајќи му го изборот на Митрески за претседател на Собранието, исто така, изрази задоволство поради долгогодишната соработка, која, како што рече, лани беше крунисана со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Тој, исто така, изрази уверување дека соработката ќе продолжи во тој позитивен дух и во иднина.

Вал истакна дека му претставува задоволство што во текот на целиот изборен процес земјата ќе има ефективно Собрание, што, како што рече, е добро за граѓаните.

Во текот на разговорот, соговорниците разменија мислења и за други актуелни прашања поврзани со работата на Собранието и претстојните избори, како и за потребата од консензус за донесување на одредени закони кои се во процедура, се посочува во соопштението. ев/ац/

Остани поврзан