• петок, 22 ноември 2024

Средба Димовска - Лејенбергер: Потврден континуитетот на одличната соработка со германскиот Бундестаг

Средба Димовска - Лејенбергер: Потврден континуитетот на одличната соработка со германскиот Бундестаг

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, денеска оствари средба со заменик-генералната секретарка на Германскиот Бундестаг, Сашка Лејенбергер, на која покрај собраниските службеници, присуствуваше и нашиот резидентен амбасадор, Илбер Села. На средбата, беа потврдени одличната и континуирана соработка меѓу двата парламента и беа разгледани предлозите за утврдување на соработката во следните години, информира собраниската прес служба.

Димовска искажала благодарност за интензитетот и динамиката на размена на експертиза, добри практики и искуства меѓу Бундестагот и Собранието. Фокусот на дискусијата бил во насока на финализирање на реформата за воведување независно собраниско обезбедување во контекст на целосна институционална независност на Собранието.

-Средбата беше искористена и за иницирање нови можности за соработка меѓу службите на двата парламента, согласно потребите на Собранието и во области за кои имаме отворени прашања и за кои е потребно целосно доуредување. Особено го истакна значењето на ИПС програмата, којашто се спроведува секоја година за млади лица од нашата земја кои стажираат во германскиот Бундестаг и на тој начин стекнуваат непроценливи искуства и знаења за парламентарното работење. Тие искуства по враќањето дома ги споделуваат во Собранието. Димовска упати и покана до раководството на службата на Бундестагот за посета на нашето Собрание, се вели во соопштението.

Лејенбергер изразила особено задоволство за денешната средба, истакнувајќи дека Собранието е во фокусот на приоритети за соработка на Бундестагот, со уверување дека оваа соработка ќе продолжи да се продлабочува во веќе детектираните области и за нови теми од заемен интерес. Праксата стипендистите да поминат две недели во Собранието пред нивно заминување во Германија и да се запознаат со начинот на неговото функционирање, ја оценила како особено позитивна, како искуство кое е корисно и служи за поподготвени да го почнат нивното стажирање во Бундестагот.

Двете соговорнички биле согласни дека во овој динамичен свет, во кој секоја институција мора да држи чекор со новата технологија, парламентите треба да инвестираат уште повеќе во дигитализацијата, заштитата на податоци, како и нивно поактивно претставување на социјалните мрежи, обезбедување поголема достапност на информации за граѓаните и за младите, но и во вклучување на јавноста и експертите во законодавниот процес, во родовата еднаквост и буџетирање, како нови трендови во парламентарното работење. сст/дма/

фото: Собрание 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан