• понеделник, 23 декември 2024

Средба Бесими-Брнз: Можности за продлабочување на економската соработка со САД, како главен стратешки партнер

Средба Бесими-Брнз: Можности за продлабочување на економската соработка со САД, како главен стратешки партнер
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Продлабочување на економската соработка со Соединетите Американски Држави, економските последици коишто би можеле да настанат како последица од руско-украинската војна, како и реализацијата на инфраструктурни проекти, чија што реализација е клучна за развојот на нашата држава, беа темите на коишто министерот за финансии, Фатмир Бесими дискутираше со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз. Воедно, посочуваат од Министерството за финансии, на средбата министерот Бесими информираше и за законот за буџети чие носење од страна на пратениците е од есенцијално значење. -Владата, како и досега, ќе се однесува максимално одговорно и во најдобар интерес за заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Внимателно го следиме развојот на настаните и развиваме соодветни сценарија за можни исходи, рече Бесими. Тој, притоа ја информираше амбасадорката за сетот мерки што ќе се реализира во следниот период со цел подобрување на стандардот на населението и конкурентноста на домашната економија. Министерот Бесими ја изрази својата благодарност до Владата на САД која постојано и дава значајна поддршка на нашата Влада во спроведувањето на активностите насочени кон економски раст и стабилност, како и зајакнување на демократските практики на институциите. Амбасадорката Брнз ја потврди заложбата за натамошна поддршка од страна на САД како стратешко партнерство и порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрување на деловната клима и остварување на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст. Соединетите Американски Државни се еден од најзначајните стратешки партнери на Република Северна Македонија. Одличните политички релации меѓу двете земји треба да поттикнат и попродлабочена економска соработка во блиска иднина. Воедно на средбата беше упатена благодарност за поддршката на РС Македонија, која како НАТО сојузник, се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина, што овозможува можности за зајакнување на идната соработка со САД.вј/лв/

Остани поврзан