• недела, 22 декември 2024

Средба Африм Гаши - Вјоса Османи Садриу во Собранието

Средба Африм Гаши - Вјоса Османи Садриу во Собранието

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со претседателката на Република Косово Вјоса Османи-Садриу, која престојува во Скопје, во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Гаши и Османи Садриу споделија задоволство што Северна Македонија и Косово одржуваат отворен дијалог и мошне позитивни и конструктивни билатерални односи, при што беше заклучено дека секогаш има простор за продлабочување на соработката на сите полиња, соопшти собраниската прес-служба.

Гаши ја реафирмира поддршката за етаблирање на Косово во меѓународните организации, заклучувајќи дека евроинтеграцијата е точката што ги поврзува земјите од регионот.

Посакувајќи му успех во извршувањето на функцијата претседател на Собранието на РСМ, Османи Садриу му се заблагодари на Гаши за неговата улога во јакнење на соработката на парламентарно ниво во текот на минатиот мандат на законодавниот дом, кога ја предводеше Пратеничката група за соработка со Косово.

Вјоса Османи, во тој контекст, истакна дека за Косово е многу значајна поддршката од земјите од регионот за приклучување кон меѓународните институции. Таа изрази надеж за членство во Советот на Европа во скоро време, додека за НАТО оцени дека приклучувањето на земјите од овие простори е влог во поголема стабилност на регионот, што се покажа и со членството на Албанија, а потоа и на Северна Македонија.

Гаши изрази задоволство што Косово е меѓу најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу главните извозни пазари за нашата економија. Тој посочи дека треба да се обрне посебно внимание на проектите за подобро инфраструктурно поврзување, како и за унапредување на капацитетите на граничните премини, со што дополнително ќе се олесни комуникацијата меѓу двете држави.

Соговорниците разменија мислења и за улогата на жените во политиката, при што претседателот Гаши изрази задоволство што во регионот се ослободува од стереотипите по тоа прашање, за што како што рече се пример и Северна Македонија и Косово кои имаат претседателки на чело на државите.

Гаши и Османи Садриу се осврнаа и на претстојната 11. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 18 до 20 јуни во Собранието на РСМ, а на која е најавено присуство и на делегација на Собранието на Косово, предводена од претседателот Глаук Коњуфца, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

Фото: Собрание

Остани поврзан