• понеделник, 22 април 2024

Средба Ангеловска-Бежоска − Камер: Довербата во Народната банка резултат на прудентната монетарна политика и на транспарентноста

Средба Ангеловска-Бежоска − Камер: Довербата во Народната банка резултат на прудентната монетарна политика и на транспарентноста

 

Скопје, 15 март 2024 (МИА) - Анкетата спроведена од Светската банка покажува дека Народната банка ужива највисока доверба кај јавноста помеѓу домашните институции во земјава. Довербата во Народната банка во изминатите четири години, и покрај постојаните шокови, е уште повеќе зголемена. Ова е резултат на прудентната монетарна политика којашто беше насочена кон одржување стабилни инфлациски очекувања и стабилен курс на денарот. Зголемената транспарентност и комуникација имаат дополнителен придонес за одржувањето на кредибилитетот.

Како што соопштија денеска од Народната банка на РСМ, ова било истакнато на средбата на која присуствувале гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, на Регионалниот состанок на гувернерите на централни банки, што се одржува во Сплит, Хрватска.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочила дека како резултат на навремените и силни мерки преземени од страна на Народната банка, инфлациските очекувања се стабилизираа, што е особено значајно за идното формирање на платите и цените на компаниите, а со тоа и на инфлацијата. Мерките на монетарната политика заедно со интервенциите на девизниот пазар, се наведува во соопштението, ја обезбедија стабилноста на девизниот курс на денарот и ја зацврстија довербата во домашната валута.

- Довербата не зависи само од прудентните политики коишто ги презема централната банка, туку и од правилната комуникација и транспарентност. Сеопфатноста и јасноста во комуникацијата е основа за градење доверба и успешно справување со предизвиците во овој кризен период, кога централните банки мораа да се справат со најголемата инфлациска криза во изминатите декади, нагласила гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа истакнала дека Народната банка од почетокот на корона-кризата дополнително ја засилила комуникацијата со јавноста, бројот на соопштенијата за јавноста се зголемил за 25 проценти, додека бројот на јавните настапи на раководството на Банката се зголемил за 40 проценти во споредба со периодот пред пандемијата.

- Воведени се и целно насочени пораки за различна публика, поедноставен е стручниот јазик, ставен е акцент на визуализацијата, зачестено се користат социјалните медиуми, а засилени се и активностите за финансиска едукација, се додава во соопштението од Народна Банка. цр/лв/

Фото: Народна Банка на РСМ

 

Остани поврзан