Србија ја менува аграрната политика - повеќе инвестиции, повеќе од државата
- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Драган Гламочиќ, објави дека државата ќе ја промени својата земјоделска политика оваа година, така што земјоделците што инвестираат повеќе во производство, ќе добијат повеќе поттик од државата.
Белград, 2 февруари 2026 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Драган Гламочиќ, објави дека државата ќе ја промени својата земјоделска политика оваа година, така што земјоделците што инвестираат повеќе во производство, ќе добијат повеќе поттик од државата.
„Оној што ќе инвестира повеќе, ќе добие повеќе од државата. Првата рата ќе ја исплатиме за обработливо земјиште, за растително производство, на сите еднакво. Втората рата, пред есента, ќе биде следната. Прво, првпат ќе воведеме сите оние што имаат ливади и пасишта да добијат одредена сума пари, под услов да имаат едно условно грло. Мора да имаат грло добиток, преживари - рече Гламочиќ.
Имено, нема да има ист износ на стимулации за оние што одгледуваат пченка, но оние што одгледуваат зеленчук, овошје и цвеќе ќе добијат повеќе, додавајќи дека стимулациите ќе зависат и од износот на инвестициите во работи, како што се: системи за наводнување, мрежи против град, системи против мраз...
Гламочиќ изјави дека оваа година првпат државата ќе бара правдање за стимулациите со сметки.
„Парите што ви ги дава државата мора да ги инвестирате во земјоделството“, истакна Гламочиќ.
Тој потсети дека земјоделството добива повеќе од 62 процента од вкупните државни стимулации, како и дека добива двојно повеќе отколку што придонесува во БДП.
„Ни недостига самоодржливост, можеби дваесет проценти, кога станува збор за свинско месо. За сè друго сме самоодрживи“, рече Гламочиќ.
Запрашан за состојбата во земјоделството, тој изјави дека во моментот најголемите проблеми се во свињарството и млекарството. зш/рп/