• четврток, 26 март 2026

Србија: Почна седницата на собранискиот Одбор за култура и информации, на која треба да се објави нов конкурс за РЕМ

Србија: Почна седницата на собранискиот Одбор за култура и информации, на која треба да се објави нов конкурс за РЕМ

Белград, 28 април 2025 (МИА) - Попладнево почна седницата на собранискиот Одбор за култура и информации во Парламентот на Србија, каде што треба да се објави нов конкурс за избор на членови на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), јави дописникот на МИА од Белград. Седницата е на барање на опозицијата и е услов за прекин на блокадата на РТС од страна на студентите кои не дозволуваат влез во медиумот од 14 април. 
Пред неколку часа претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ изјави дека сериозно е доведено во прашање одржувањето на седницата поради немирите во Нови Сад.

Брнабиќ рече дека идејата бил таа одлука да биде уште еден начин за отворање дијалог, за подадена рака, за заедничка работа.

„Разговаравме за ова во текот на викендот и денеска во раните утрински часови се додека  ова не почна да се одвива, прво во Ниш, потоа во Нови Сад. Ова одвратно насилство, монструозно насилство, што буквално го згрозува секој нормален човек во Србија, а таа одлука всушност беше наменета да биде уште еден начин да се отвори дијалог, да се подаде рака, да се работи заедно, а потоа гледате дека ништо од тоа не им е важно“, рече Брнабиќ.

 Студентите во блокада го блокираат РТС од 14 април во 22 часот и изјавија дека блокадата ќе трае се додека не се објави нов конкурс за членови на Советот на РЕМ или „додека РТС не се исклучи“ .Студентите нагласија синоќа дека доколку конкурсот биде распишан, тие ќе се повлечат од блокадата и ќе се вратат на своите факултети.

Советот на РЕМ не постои од лани од ноември, кога според одредбите од Законот за електронски медиуми, мандатот на претходниот состав на Советот заврши. Дури потоа, Народното собрание објави јавен повик за избор на членови на Советот, а на почетокот на годината беше закажано и јавно сослушување на предложените кандидати.

Сепак, откако седум кандидати ги повлекоа своите кандидатури поради, како што посочија, нетранспарентен процес и кршење на законските одредби, целиот процес беше запрен.Мандатот на претходниот состав на Советот на РЕМ истече на 4 ноември 2024 година, а нов не е избран речиси шест месеци. Иако според законот тој мора да биде избран пред крајот на мандатот на стариот, а беше започнат и процес кој требаше да заврши до крајот на 2024 година, изборот се уште е во тек, додека Србија функционира без тело што ја регулира областа на електронските медиуми. зш/
фото МИА

Остани поврзан