• сабота, 13 јули 2024

Србија и Египет потпишаа Договор за слободна трговија, Каиро ја поддржува иницијативата Отворен Балкан

Србија и Египет потпишаа Договор за слободна трговија, Каиро ја поддржува иницијативата Отворен Балкан

Белград, 13 јули 2024 (МИА) - Во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, денесka во Каиро беше потпишан Договор за слободна трговија меѓу Србија и Египет и 10 други билатерални документи за соработка меѓу двете земји во различни области, јави дописникот на МИА од Белград.

На заедничката прес-конференција со неговиот египетски колега, по пленарната средба на двете делегации, претседателот Вучиќ изјави дека Договорот за слободна трговија е исклучително важен. Тој наведе дека се потпишани вкупно 10.412 тарифни линии за Србија и 6.075 тарифни линии за Египет.

-Побрзо ќе ги развиваме нашите трговски односи и односите меѓу нашите индустрии, истакна Вучиќ.

Претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси изјави дека потпишаните договори дополнително ќе ги зајакнат и онака добрите односи меѓу Србија и Египет.

- На денешните средби се согласивме за важноста од зајакнување на соработката во науката, преку договорот за слободна трговија што беше потпишан денеска и многу други документи. Тоа ќе ја зајакне економската и трговската соработка меѓу Србија и Египет, рече Сиси.

Тој ја нагласи значајната улога на Србија во зајакнувањето на соработката и стабилноста во регионот во кој се наоѓа.

-Ние навистина го поддржуваме спроведувањето на иницијативата Отворен Балкан. И сакаме земјите од Западен Балкан да се зближат и да ја зајакнат регионалната стабилност, рече Ел Сиси.

Тој изјави дека со претседателот Вучиќ разговарал за случувањата на меѓународната сцена, со посебен осврт на Појасот Газа и Украина.

Договорот за слободна трговија го потпишаа министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ и министерот за инвестиции и надворешна трговија на Египет, Хасан ел Хатиб.

Министерот Момировиќ изјави дека по ратификацијата на Договорот за слободна трговија со Египет, царините ќе бидат укинати за речиси целото српско земјоделство.

-Штом ќе биде ратификуван Договорот за слободна трговија, ќе се укинат царините од 40 отсто за свежите јаболка, како и царините од 30 отсто за сувите сливи и 20 отсто за замрзнатите бобинки. Царините за производите од нашата прехранбена индустрија, кои сега се движат од 20 на 60 отсто полека ќе почнат да се намалуваат, а ќе се укинат и царините за минералната вода и безалкохолното пиво, кои сега се движат меѓу 20 и 30 отсто, рече Момировиќ.

Тој посочи дека тоа е голема шанса за земјоделците и домаќините од Србија, но и огромна шанса за српската керамичка индустрија, фармацевтската индустрија и многу други индустрии.об/

 

Остани поврзан