• понеделник, 02 февруари 2026

Србија го одобри договорот за купување суперкомпјутер со заем од 42 милиони евра од Франција

Србија го одобри договорот за купување суперкомпјутер со заем од 42 милиони евра од Франција

Белград, 2 февруари 2026 (МИА) - Србија зема заем од Франција за развој на компјутер со високи перформанси - суперкомпјутер и вештачка интелигенција. Како што е наведено во Предлог-законот поврзан со тој проект, државата ќе се задолжи за 42,5 милиони евра.

Комисијата на српскиот парламент за финансии, републичкиот буџет и контрола на трошењето на јавните средства го одобри усвојувањето на законот за потврдување на договорот меѓу владите на Србија и Франција за заемот. Тој ќе биде повлечен во две транши од 25 и 17 милиони евра, ќе го врати Србија во текот на следните 7,5 години со годишна каматна стапка од 3,75%.

Финансискиот протокол меѓу владите на Србија и Франција за соработка во областа на финансирањето на проектот за развој на високо-перформансни компјутери и вештачка интелигенција беше изготвен во Белград на 27 ноември 2025 година.

Како што е наведено во овој документ, финансиската поддршка на Франција претставува максимум 85% од вкупната вредност на договорот за извоз за проектот.

Комерцијалниот договор беше склучен со францускиот добавувач Bull SAS. 

Во образложението на Предлог-законот поврзан со заемот, пишува дека проектот е дел од Националната платформа за вештачка интелигенција, како и од стратешките цели дефинирани со Стратегијата за развој на вештачката интелигенција во Србија за периодот 2020-2025 и 2025–2030 година. зш/јт/

Остани поврзан