• понеделник, 23 декември 2024

СПЦ упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, чекор кон Томос од Вселенската патријаршија

СПЦ упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, чекор кон Томос од Вселенската патријаршија
Скопје, 25 мај 2022 (МИА) - Српскиот патријарх Порфириј вчера по сослужувањето на заедничка литургија со aрхиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, ја одобри и упати благослов за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. - Она што беше раздвоено од 1967 година Господ нè удостои да биде исцелено, нагласи српскиот патријарх. Архиепископот г. г. Стефан, пак, по објавата за прифаќање на автокефалноста од страна на Порфириј, рече: „Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“. – Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архијерејски собор на Српската православна црква едногласно во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува автокефалноста на МПЦ-ОА, рече српскиот патријарх Порфириј. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт. Потоа, додаде патријархот Порфириј, ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА. – Денес да се радуваме бидејќи денеска се радува целата црква, се радуваат небото и земјата кога браќата се сакаат, кога го слават името на Господ, да се радуваме што по 55 години служевме света литургија прво во Белград, па во Скопје, два пати за само неколку дена, нагласи српскиот патријарх. Господ не поставил граници народот да се дели, продолжи во обраќањето патријархот Порфириј, туку границите значат можност секој народ подобро да се организира како свој посебен печат, посебни дарови што ги добил од Бога, ги умножувал, ја создал различноста и на секој му дал со свој личен печат да биде збогатен со другите, за да тогаш во заедница и убавина на сите народи сите да бидат едно. – Во едно сме единствени, во Христа сме едно, и навистина браќа и сестри, еден е Господ и една е црквата негова, една е верата наша и љубовта наша и затоа денеска неописливо се радуваме, бидејќи пред наши очи се случува чудо и ние сме дел сме од тоа чудо, учесници на тоа чудо. Она што беше раздвоено од 1967 година Господ нè удостои да биде исцелено, нагласи српскиот патријарх. Пред неколку дена во Белград, денеска во Скопје служевме света литургија, повтори патријархот Порфириј и во Белград каде што имаше повеќе илјада луѓе и овде каде што сме собрани денеска видов радост, љубов во очите на сите нас, гледам обврска задача и порака на нас архијереите, а тоа е дека вашата љубов и вашите молитиви во Белград и овде го надминаа искушението и овозможија Господ да направи чудо. – Да покаже дека разбираме дека сме едно, дека не можеме едни без други, дека сме едно тело, дека Христос е нашата нашата мерка и оти неговите заповеди се закон по кој сакаме да живееме. Дека тој е алфа и омега на нашето постоење и во историјата и во вечноста, додаде српскиот патријарх Порфириј. По објавувањето на радосната вест од страна на патријархот Порфириј, следеше долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаат во и околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Г. г. Стефан на заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм рече дека нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар. – Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар, истакна архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан. Овој денешен свет ден, како што рече тој, е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата Сесветост вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас! – Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, да нè пресретне здрави и исцелени и срдечно да нè прегрне – и да нè испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам, додаде г. г. Стефан.   Архиепископот охридски и македонски посочи дека и нашата 80-годишна заложба за самостојна црква никогаш немала и нема за цел да нè оддели од телото Христово, туку да ни дозволи и ние, подобно на другите православни народи, слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ, овде, во Татковината и насекаде по светот, до каде што нѐ има. - Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на охридскиот архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство, нагласи г. г. Стефан. Тој потсети дека неодамна во Светосавскиот храм во Белград се случи братското помирување, кое произлезе од мајчинската иницијатива на Мајката Црква – Вселенската патријаршија и на Неговата Сесветост. Реакции по повод прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА Претседателот Стево Пендаровски упати честитики по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. – Упатувам честитки до поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење, се наведува во пораката на претседателот Пендаровски.

Одлуката на СПЦ, наведува натаму Пендаровски, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија.

– Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество, наведува во пораката претседателот Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски од Рим испрати честитка по повод прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, од страна на Српската православна црква. - Голем е денешниот ден, историски кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј да ја добиеме и автокефалноста на нашата држава, како рмноправна со другите и како признание за нејзиното наследство и духвната величина на древната Охридска архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет, изјави премиерот. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека на денот кога ги славиме светите браќа Кирил и Методиј рамноапостолни, се потврди вековната вистина на нашиот македонски народ. - По 55 години, сплотеноста е повторно онаа која ни дава мир и сила за да продолжиме напред. Со денешната радосна вест се прекршува долгогодишната изолација со која се соочуваше Република Северна Македонија. Со денешното радосно решение, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското служење, општење и причестување со својата јерархија, клирот и народот, во големото трло на Православието. Со денешната вистина, се потврди автокефалноста на МПЦ – ОА, напиша Маричиќ на Фејсбук. Шефот на дипломатијата Бујар Османи честиташе до МПЦ и до сите верници по повод одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА, истакнувајќи дека долго време се чекало на оваа правична одлука.
– Убава вест за Македонците, за сите православни верници, и за сите граѓани на Северна Македонија Саборот на СПЦ донесе правилна одлука со која ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА, наведува Османи на својата фејсбук-страница.
Поранешниот премиер Зоран Заев напиша на Фејсбук дека со благословот и Tомосот за автокефалност на МПЦ-ОА што СПЦ го упати до Вселенската патријаршија веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за автокефална. - Нека е за многу години овој голем ден, историски за православието и за македонската државност. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина. Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност. Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност, напиша Заев. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека сме сведоци на историја важна за нашиот народ.

- Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г. г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови, објави Мицкоски.

Чекор кон процесот за стекнување Томос за автокефалност Важно е да се знае дека ова е само почеток на процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Овој настан дојде како резултат на одлуката на вселенскиот патријарх од 9 мај 2022 година, за враќање на нашата Црква во канонско единство до останатите православни цркви. Процесот беше започнат уште пред околу пет години, со низа преговори што се одвиваа помеѓу МПЦ – ОА и Вселенската патријаршија, а кон одлуката за враќање во единство придонесоа поранешниот премиер Зоран Заев, но и сегашниот премиер Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски. Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА. Заедничкото сослужување на двајцата поглавари, доаѓа по надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристичкото општење, откако Вселенската патријаршија донесе одлука МПЦ-ОА да ја признае за канонска црква. Претходно, на 19 мај, двајцата поглавари служеа заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, на покана на српскиот патријарх Порфириј. По ова, следеше покана од архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, за заедничка литургија во храмот „Св. Климент Охридски“ во Скопје на Денот на сесловенските просветители светите рамноапостоли Кирил и Методиј. Заедничката литургија во Скопје следи откако завчера во Белград заврши Соборот на СПЦ, кој на 16 мај го потврди статусот на најширока можна автономија за МПЦ-ОА, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година. Во соопштение објавено на официјалниот сајт на СПЦ, покрај повеќе одлуки кои се донесени на овој Собор, се споменува и заедничката литургија во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, со кој се воспостави евхаристичко општење и канонското единство помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА. – Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ, СПЦ црква ќе се води само од канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок. Соборот на СПЦ нема намера после решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јуриздикција во матичната земја и дијаспората, со препорака на истата прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со гркофонските и другите православни цркви, се наведува во соопштението од Соборот на СПЦ. Спорот меѓу двете сестрински цркви почна на 17 јули 1967 година, кога Третиот црковно-народен собор свикан од Светиот синод на МПЦ на свечена седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По ова, Светиот архијерејскиот собор на СПЦ ја прогласи МПЦ за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство. По 55-години раскол, на 9 мај Вселенската патријаршија, ја прекина изолацијата на МПЦ-ОА и ја призна за канонска црква, по што односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА почнаа да се затоплуваат. Со оваа одлука на Вселенската патријаршија му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија“ и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви. Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава“. На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија. Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука“ на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот. нд/ац/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан