• недела, 22 декември 2024

Спортски четиримеч на здруженијата на пензионери од Кочани, Прилеп, Куманово и Кавдарци

Спортски четиримеч на здруженијата на пензионери од Кочани, Прилеп, Куманово и Кавдарци

Кочани, 26 август 2024 (МИА) – Здружението на пензионери од Кочани денеска беше домаќин на спортски четиримеч со екипи од збратимените здруженија од Кавадарци, Куманово и Прилеп. 

На стадионот „Никола Мантов“ натпреварувачите ги одмерија своите сили и вештини во повеќе спортски дисциплини, што истовремено беше и проверка на нивната подготвеност за натамошните натпревари на државно ниво. Кочанското Здружение беше како добар организатор на игрите на кои учесниците покажаа солидна физичка подготвеност, а во одделни дисциплини имаше и голема конкуренција. 

-Овде се пензионерите кои на регионалните спортски игри освоија први места. Се работи за пријателски натпревар меѓу здруженијата од четирите града, за да се види колку сме подготвени за републичките спортски игри. Таму ќе има вкупно 18 натпреварувачки дисцисплини, а ние победивме во 13, така што за нив ќе имаме свои претставници. Многу битно за сите пензионери овде е што, освен спортувањето, се оставарува одлично дружење и се зајакнува меѓусебната комуникација, со размена на мислења, истакна Јелица Зафирова, претседателка на Здружнието на пензионери – Кочани.

На спортскиот четиримеч домашните пензионери натпреварувачи покажаа најдобра подготвеност во скок во далечина од место, трчање на 100 метри, стрелаштво, влечење јаже и фрлање ѓуле. 

Најдобрите поединци од Здруженијата на пензионери од четирите града ќе учествуваат на државниот натпревар што на 10 септември ќе се одржи во Скопје. та/сст/

фото: МИА

Остани поврзан