Специјалната болница за нефрологија – Струга го одбележува Светскиот ден на бубрегот
- Под мотото „Дали се вашите бубрези во ред?“ Специјалната болница за нефрологија – Струга се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот - 13 март.
Струга, 12 март 2025 (МИА) - Под мотото „Дали се вашите бубрези во ред?“ Специјалната болница за нефрологија – Струга се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот - 13 март.
По тој повод, вечерва Болницата ќе биде осветлена во сина боја, а утре, како што информира установата, на пациентите ќе им бидат поделени подароци.
Во рамките на одбележувањето, низ Болницата беа поставени банери и постери, со логото на Светскиот ден на бубрегот, а во дворот засадени се дрвја, како симбол на засадување живот и здравје.
- Пациентите се основата поради која ние работиме и се стремиме постојано да се усовршуваме и од ден на ден да стануваме се подобри. Но не само оваа недела и не само поради прославата на Светскиот ден на бубрегот, ЈЗУ Специјална болница за нефрологија – Струга секој ден го слави здравјето на луѓето, секој ден слави победа над болестите и секој ден се бори да биде подобра од претходниот, вели директорот Јетмир Зиба.
За заштита на бубрезите и превенција од бубрежни болести препорачуваат: здрав начин на исхрана, одржување нормална телесна тежина, редовно вежбање и физичка активност, контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, одговорна и претпазлива употреба на лекови, пиење доволно вода, редовни медицински прегледи... сс/цр
Фото: МИА