• среда, 15 мај 2024

Спасовски: Согласно доказите, можно е кривични пријави да има за сите сторители што придонесоа градот да се дави во смет

Спасовски: Согласно доказите, можно е кривични пријави да има за сите сторители што придонесоа градот да се дави во смет

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  соопшти дека е поднесена една кривична пријава за насилство во случајот со блокада на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

-Поради тоа што завчера вечерта, откако тргнаа со работа работниците на „Комунална хигиена“, неколку од нив беа нападнати од едно лице коешто исто така било вработено во „Комунална хигиена“ и тоа доби кривична пријава за насилство и веќе е процесуирана до Јавното обвинителство, рече Спасовски при посетата на Центарот за обука Идризово.

Во врска со попречената работа во Комунална хигиена, очекува денеска да биде доставен записникот од Инспекторатот за заштита на животната средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Градот Скопје за да се видат нивните наоди. Посочи и дека МВР е  во постојана координација  со обвинителот.

-Доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители коишто придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите коишто ќе бидат прибрани, рече Спасовски.

На прашањето колку кривични пријави се поднесени до МВР за вработени во Комунална хигиена кои земале плата, а не доаѓале на работа, и дали пријава ќе има и за директорката Косана Мазнева доколку тоа го толерирала во изминатиот период, одговори дека  кривичните пријави се доставуваат до ЈО и ако има доставено копија и до МВР и по нив ќе се постапува бидејќи и тука, рече, треба да се приберат сите тие докази.

-Меѓутоа, ако имало недоследности во работењето, ако имало давање плати на лица коишто биле со договор вработени, а не доаѓале на работа и биле злоупотребени буџетски средства, секој еден за оваа работа ќе сноси одговорност. Значи, тука нема да имаме отстапка и нема да има никогаш за ниту една ситуација отстапка, а мислам дека ова треба да биде санкционирано за,  конечно, да се стави крај на политикантство и на игри коишто се случуваат на грбот на граѓаните, а овде е на грбот на здравјето на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи. 

Додаде дека ниту Скопје, ниту граѓаните на Скопје, не го заслужиле тоа што се случувало во изминатите денови односно, како што рече, „хуманитарна еколошка катастрофа која што го загрозува здравјето и животот на граѓаните“, без оглед која е причината. хс/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан