• петок, 19 април 2024

Спасовски: МВР презема мерки за достоинствено чествување на Гоце Делчев

Спасовски: МВР презема мерки за достоинствено чествување на Гоце Делчев

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Сите подготовки за одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев се завршени и веќе се постапува по безбедносните планови и протоколи што се однесува до организацијата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

- Се процени дека настанот е од висок ризик, поради тоа што имаше делување на радикални структури од Бугарија, секако поддржани од радикални структури овде, во Северна Македонија. И тоа ги зголеми тензиите до степен да се создава вознемиреност кај граѓаните. Затоа се преземаат и низа на мерки кои, пред се, ќе гарантираат стабилност, зачувување на јавниот ред и мир и најважно достоинствено празнување и чествување на ликот и делото на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев, изјави Спасовски во гостувањето во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.

Спасовски нагласи дека МВР има најави за одредена бројка луѓе од Бугарија кои би сакале да присуствуваат на одбележувањето, но останува да се види дали тие најави ќе бидат остварени.

- Најавите беа дека ќе имаме од 100 до 150 лица, кои сега се намалуваат, па на крајот ќе видиме конечно, рече Спасовски, повторувајќи дека на секој еден кој што ги навредува македонската држава и народ нема да му биде дозволено да присуствува на свеченоста.

Тој посочи дека не треба да се дозволи никаква ескалација, пред се од екстремисти и од неодговорни политичари кои што заради својот политички рејтинг сакаат да им наштетат на македонско-бугарските односи и да ги креваат тензиите.

Осврнувајќи се на шпекулациите дека на утрешното одбележување ќе има полиција од Бугарија, Спасовски нагласи дека станува збор за дезинформација и лажна вест.

- Не, нема да има полиција од Бугарија, тоа беше дезинформација, ширење на некаква лажна вест, која што веројатно е дел од таа пропаганда која сакаше да се протне. Македонската полиција има сериозен капацитет да се справи со било каков предизвик и тука нема место за делување на било кој полициски службеник од било каде, потенцира Спасовски. сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан