• недела, 22 декември 2024

Спасовски во Женева присуствуваше на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата на Меркел

Спасовски во Женева присуствуваше на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата на Меркел
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на неговиот фејсбук-профил наведе дека со посебна чест присуствувал на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата за бегалци, врачена на годинешниот глобален лауреат, поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, како признание за лидерството, храброста и сочувството во осигурување на заштитата на илјадници луѓе. Спасовски потсети дека под лидерството на Меркел, Германија прифати повеќе од 1.2 милиони бегалци и баратели на азил во 2015 и 2016 година во екот на конфликтот во Сирија. Тоа беше, како што истакна министерот, тест на европските вредности, но и морален императив, како што тогаш изјави и самата Меркел, при повикот до германскиот народ со отворен и слободен ум да ја отфрлат поделбата по национална линија. - Токму затоа, заедно со мојот тим во 2015 година сериозно се ангажиравме по ова прашање, и како еден од главните приоритети во моето раководење со МВР, во таа насока, би сакал да ја истакнам и исклучителната важност на улогата на МВР, преку проактивната позиција во континуитет за унапредување и развој на граничната полициска служба, а се со цел ефикасно управување со границите, со миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж „Западнобалканската рута“. Граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност, а МВР е еден од главните столбови на националниот систем за Интегрирано гранично управување составен од повеќе државни институции, кој се развива согласно Европскиот концепт, нагласи Спасовски. Министерот упати најсрдечни честитки за Меркел, и ја опиша како голем пријател и поддржувач на македонскиот народ, со желби за континуиран успех, како на професионален, така и на личен план. см/сп/

Остани поврзан