• петок, 22 ноември 2024

Со филмска среда НУ Центар за култура „ Крива Паланка“ ја враќа кино-културата во градот

Со филмска среда НУ Центар за култура „ Крива Паланка“ ја враќа кино-културата во градот

Крива Паланка, 2 ноември 2023 (МИА) - Кино проекциите во Националната установа - Центар за култура „Крива Паланка“ што повторно се воведени на редовниот репертоар секоја среда, предизвикуваат сѐ поголем интерес кај паланчани за следење на популарни и атрактивни наслови, информира директорот на НУЦК „Крива Паланка“, Антони Стојановски.

-Со синоќашната филмска вечер, филмска среда, се потврдува дека публиката во градот ја враќа навиката да проследи добар филм на големото платно. Синоќа се прикажа „Лена и Владимир" на Игор Алексов, со извонредните Сара Климоска и Игор Наумовски во главните улоги. Минатата среда на репертоарот беше новата македонска урнебесна комедија - филмот „Te Dua, Жими Мене " што премиерно се прикажа во Крива Паланка, а веќе следната недела, повторно во среда ни гостува филмот  „Нешто слатко" во кој главните улоги ги толкуваат Сашко Коцев и Јелена Јованова, рече Стојановски.

Со атрактивноста на понудата, како што додаде Стојановски, очекува да биде привлечена побројна публика, а интенцијата е младите во поголем број да бидат присутни на проекциите за да се врати повторно култната култура на посета на кино проекции.

Филмска среда нуди атрактивни и актуелни наслови за сите генерации, цената на влезниците е симболична и изнесува сто денари.

Од НУЦК „Крива Паланка“ најавија дека покрај во средата, следната седмица и четврток ќе се прикажува филм, популарниот, наградуван филм на Драган Бјелогрлиќ, „Чуварите на формулата" што во исто време ќе се прикажува во скопските кино и низ повеќе градови во Северна Македонија.

Филмот „Чуварите на формулата" е награден за најдобар филм на „Киненова". ид/дма/

 

 

 

Остани поврзан