• вторник, 05 ноември 2024

Со средства од Бирото за регионален развој ќе се подобрува патната инфраструктура во пехчевски Чифлик

Со средства од Бирото за регионален развој ќе се подобрува патната инфраструктура во пехчевски Чифлик

Пехчево, 28 ноември 2023 (МИА) - Општина Пехчево ќе ја подобрува патната инфраструктура во селото Чифлик. Средствата, како што информираше градоначалникот на Општината, Александар Китански, се обезбедени од Бирото за регионален развој согласно со јавните повици од страна Бирото за регионален развој.

 - Во рамки на овој повик потпишав договор за финансирање од страна на Министертвото за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој. Станува збор за реализирање на проектот „Изградба на локални улици во село Чифлик, улица број еден со крак еден“ со вкупен износ од 2.658.665 денари од кои 1.329.332 денари се од Бирото за регионален развој, а останатите 50 отсто се од буџетот на општина Пехчево, рече Китански.

Со реализација на проектот „Изградба на локални улици во село Чифлик, улица број еден крак еден“ очекува да се придонесе кон подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во селото.

 - Улицата е во должина од 231 метар, додека кракот е во должина од 138 метри, односно целата улица е во должина од 369 метри, додаде Китански.

Тој информираше дека согласно овој јавен повик обезбедени се средства и за проектот „Набавка на машина за метење и одржување на хигиена на јавен простор". Проектот е со вкупна вредност од 2.414.477 денари, а очекувањата се да се подобри јавната чистота и да им се олесни работата на службите за оддржување на патиштата. вс/ сан/

 

Фото: МИА

Остани поврзан